Милан Савов
Денес мора да зборуваме за една сериозна појава во Гевгелија – малолетните лица кои управуваат со мотори, без да почитуваат никакви правила и прописи. Но уште поголемиот проблем не се тие, туку нивните родители.
Не е тајна дека во последно време сè почесто гледаме млади, често без возачка дозвола и без кацига, како возат по улиците со огромна брзина. Тие прават опасни маневри и се однесуваат како улиците да се нивна играчка. Но, зарем тие самите си ги купиле моторите? Зарем самите си дозволиле да ги возат? Секако дека не. Родителите се тие што им ги овозможуваат моторите, што ги оставаат без контрола и што ги охрабруваат со своето молчење.
Законот е јасен – постојат правила и години на возраст кога е дозволено да се управува со мотор. Сепак, многу родители свесно ги игнорираат тие прописи. Наместо да бидат чувари на безбедноста на своите деца, тие се однесуваат рамнодушно, како ништо да не се случува. Таквата негрижа е неприфатлива и опасна. Родителите кои дозволуваат малолетни да возат мотор ја носат истата одговорност како и нивните деца – ако не и поголема.
Родителите конечно треба да сфатат дека со својата незаинтересираност директно ги доведуваат во опасност животите на своите деца. Ниту еден мотор не вреди повеќе од еден млад живот. Ако родителите навреме не преземат мерки, тогаш ќе мора институциите построго да реагираат.
Секој татко и мајка треба да знаат: љубовта кон децата не се покажува со тоа што ќе им купат мотор, туку со тоа што ќе ги научат одговорност и дисциплина.
Само со свесни и одговорни родители можеме да имаме побезбедни улици и сигурна иднина за младите во Гевгелија.

