Колумнист: Лејла Рајкова (адвокат)
Во пресрет на Локалните избори веќе е редно време да ставиме прст на чело, и да ги избереме вистинските личности за функции кои се од важно значење за функционирањето на локално ниво. Имаме години искуство зад нас, имаме многу локални избори поминато кои може да ги анализираме и да ги оценуваме, но кој е крајниот резултат после се: Дали има промени? Дали нешто е подобрено? Дали секој го добил тоа што го заслужил? Дали личните интереси биле пред сите други? Дали ветеното е исполнето?… сами дадете си одговор.
Локалните избори се поразлични од Парламентарите избори за кои борбата е многу поголема за добивање на централната власт, но фотелјата на Градоначалник треба да се гледа од друг агол и покрај тоа што политичките партии повторно го имаат последниот збор, но ние како народ како локално население сме тие кои одлучуваме. Фотелјата на Градоначалник треба да ја заслужи најнапред личност која има интегритет, углед, искуство, менаџерски способност, позитивно влијание во локалната заедница, да има добар тим со кој што ќе може да го реализира тоа што го ветил, образувана личност, сестрана и мултикомплексна личност со познавања во повеќе области, личност која се грижи за потребите на граѓаните и ги решава нивните проблеми.
И покрај тоа што ни е јасно на сите дека кандидатите од политичките партии не можат така лесно да се ослободат од влијанието на матичната партија, сепак потребна е личност која може да одржува баланс, затоа што на крајот од денот 4 годишниот мандат брзо поминува, направеното или ненаправеното не се заборава, а едно сепак е факт сите сме граѓани на таа општина.
Борбениот дух е исто така многу важна карактеристика, идеи, проекти за да се направи нешто за подобро утро на младите, пензионерите, земјоделците социјално загрозените, кои сите тие се дел од нашата локална заедница кои имаат право на глас, а нивниот глас е многу важен за тие што се борат за Градоначалник и за советници во Општините, и затоа секој еден е важен.
Не ветувајте нешто што не ни е важно на нас како граѓани, не ветувајте нешто што не е реално, не ветувајте нешто што не можете да го исполните, сите сакаме подобар живот, подобар стандарт, сакаме чиста општина, среден сообраќај, подобра инфраструктура, економски развој и напредок на Општината. Одговорни, чесни, одлучни, упорни и истрајни личности може да направат промени во нашето секојдневие.
Потребни се вистински личности кои ќе работат за сите граѓани, каде ќе можеме да видиме многу решенија и видливи подобрувања, во корист на градот и граѓаните, а не на поединец или партија. Потребни се личности кои ќе им служат на граѓаните и нивните потреби.
Градоначалникот е татко на градот, кој треба да се грижи за се што се случува во Општината, на кој можат да се потпрат граѓаните во секој момент, човек што кога нешто ќе вети тоа и ќе го исполни. Упорна личност за која откажувањето не постои како опција, личност за која не постојат изговори дека нешто не може да се направи, туку работите ги завршува до крај. Во одредени моменти мора да размислува прецизно и да ги надмине емоциите за да се донесат важни одлуки кои некогаш и живот значат. ОДЛУЧНО И РЕШИТЕЛНО ЗА ПОДОБРО УТРО ТОА НИ Е ПОТРЕБНО
Здружението „Од станица до граница“ од Гевгелија се оградува од мислењата и ставовите изразени во овој текст. Тие се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат гледиштата на организацијата.