МАРИЈА ИЛКОВА
Кога првпат почувствувавте дека глумата е Ваш животен повик?
Уште од многу, многу мал. Израснав во театарот, чекајќи ја мама на нејзините проби и претстави. Се разбира, таму беше и мојот дедо Петре кој беше еден голем, голем актер и кој во најмладите години беше мојот идол. Никогаш немав сон како дете да бидам пилот или лекар или адвокат. Од 6 години знаев дека ќе бидам тоа што сакам…
Како успевате да ги споите хуморот и драмата во вашите улоги – што е потешко да се изигра?
Ете баш тука сум на дедо ми. Јас сум од оние што како и тој, смета дека комедијата е далеку потешка за играње. Особено во овие турбулентни денови кога луѓето не можеш баш така лесно да ги насмееш.

Кој лик од вашата кариера најмногу Ве обележал и зошто?
Се разбира дека тоа е Трајче дрварчето, главниот лик во легендарната серија “Волшебното самарче”. Партизански курир и херој. Сите тогаш сакаа да бидат Трајче. Но ете, среќата ми се насмевна мене.
Како гледате на современата македонска театарска сцена – дали младите актери имаат доволно простор за изразување?
Младите актери ќе имаат простор онолку колку ќе се изборат, ќе се наметнат…и мислам дека овие млади генерации сфатија дека не можат улогите и ангажманите да паднат од небо, туку дека ќе мора да се заслужат. Затоа и има толку многу приватни или независни проекти, што е секако одлично за театарот .
Дали имате некој ритуал пред да излезете на сцена или пред снимање?
Во театарот имам некој свој, мал, скриен ритуал. Доаѓам најмалку час и половина пред претставата, се облекувам и шминкам многу рано, се дружам со колегите по гардероби те, кажуваме смешки за да се опуштиме пред претставата. Ќе се изнасмееме меѓусебно, а потоа ќе пробаме тоа да и го овозможиме и на публиката.

Како се справувате со критиките – дали ве мотивираат или ве оптоваруваат?
Како млад актер многу ми значеа. Знаев понекогаш и да се налутам на критичарите, но подоцна сфатив дека ако критиките се добронамерни треба да се преиспитаат, и тогаш се добредојдени…
Ако не бевте глумец, што друго би бил Игор Џамбазов?
Би можел да бидам добар адвокат на пример. Тоа ми го велат многумина правници. Би можел да бидам и добар професор. Но, тоа нема да бидам јас. Јас сум јас само кога сум на сцената…
Вашата кариера е богата и разновидна – што сè уште ве инспирира по толку години?
Љубовта. Таа не инспирирала од секогаш. И се уште е главната тема во моите книги и песни. Ме инспирираат и неправдите и недостатоците на општеството во кое живееме.
И како уметник морам да реагирам. И да констатирам…
Како публиката влијае на вашата енергија додека играте во живо?
Се чувствуваме меѓусебно. Тоа е веројатно и најубавиот дел од мојата професија. Таа огромна енергија што ја примаме од публиката, и се обидуваме барем дел од неа да и ја вратиме назад. И се надевам дека успеваме. Односно, сигурен сум…
Кој совет би им го дале на младите што сонуваат да станат актери?
Штом веќе сонуваат, барем нека се обидат. А ако не успеат, ќе си ја пронајдат среќата на друго место. Животот нуди милион опции…

