Посветено на Петре М. Андреевски
Колумнист: Костадин Узунов
Да сум некој, денешниот датум би го прогласил за национален празник. Пред точно деведесет и една година во Слоештица е роден Петре Мито Андреевски. Убавината на Македонија се збогати со неговото присуство на овој свет. Бил роден токму тогаш кога сме имале прилика за литературен подем и докажал дека македонските поети и писатели треба да се украсат со епитетот ,, несудени нобеловци ’’. Нему и срцето му чукаше во ритамот на реките македонски. Сите заборавени и болни точки за нас, кои во тоа време се поттурнувале под купот кој се гледа, ги направил водствени теми во тогашната литература. Не залудно романот кој критичарите го нарекувале Македонска библија , и романот кој е најмакедонски роман е неговиот Пиреј.
До мигов денешен со своите пишани зборови, тој ги порекнува тврдењата дека македонскиот јазик има сиромашен речник. Писател кој не дозволи во своите дела ниту еден туѓ збор да се помакедончи така лесно. Туку тој на секој збор му даваше тежина, му даваше делотворна сила, му даваше моќ да стане личен негов потпис. Петре е човекот со најголема творечка способност да создаде првослушнати имиња, и со оние веќе окончани македонски имиња да ги наслови своите ликови. Никаде освен на неговата хартија нема да слушнете за Дениција и Лакримариј. И никаде во поновите македонски книги нема да ги пронајдете имињата Јон, Мисајле, Ракида, Солунка, Небеска …
Во секој љубовен стих вметнувал сокриена македонштина. Кога ја љубеше Дениција тој ја воскреснуваше македонската борба за постоење. Креваше бунт во тишината и прикажуваше како се сака една земја и една жена.
Првенствено секој се пронаоѓа
Ендемски прикажан во неговите песни.
Тие што не знаат за него
Рушат од највисоката постоечка кула.
Е, зар некој навистина за Петре не чул.
Можеш да го најдеш како му
Аргатува на народот, за истиот
Народ да има лице пред светот.
Да има доказ дека е постар од сонцето,
Разнишан од издигањето на планините,
Едар по секоја цена и закана,
Едначен со прапочетна земјина цивилизација.
Во ракописот на овој писател гледаш
Слика на брановите од македонското срце.
Како да не те заборават за цел еден милениум
И она што Гилгамеш не го најде Петре го постигна.

