Автор: Костадин Узунов
(Повеќе излив на душата отколку колумна. За професорот и поет Илија Карајанов)
Движејќи се по јужната пруга, патем ќе стигнеш во Гевгелија. Таа не е само одморалиште за патот кон морето, туку и грст измешани чувства. Од убави радувања, детски сеќавања, раноутрински зазорувања до елегични разделувања, вечерни заспивања и вообичаени гостински дочекувања.
Овде луѓето, денес, имаат единствена врска со раскажувањето. Зошто велам единствена, затоа што секој знае да ткае приказните и да си ги зачини со свои марифети.
Денес на сите овие информативни извори лесно е да прераскажуваш, да објаснуваш. Ама не сите што раскажуваат и пишуваат знаат и да доживуваат. За да го доживееш она што го кажуваш првин треба да го премолчиш. Но и тоа не е добро, замислете сите да домолчуваат онолку колку што е потребно за да се напише една песна, или еден расказ или само еден едноставен напис. Каде ќе се издигнеше нашата литература, до небото? А можеби и погоре.
Замислете како било да си писател во времето пред неколку децении. Подобро сега одошто тоагаш. Нели. Па да, сега ќе си поплоден. Но вистинските мајстори на перото тогаш ги ширеле крилјата за полет.
Не залудно ви ја спомнав Гевгелија. Денешниов осми јули јас ќе го паметам по неколку родендени. Но највпечатлив и трогателен ќе е оној на професорот Карајнов. Илија Карајанов. Ако ги прашаме повозрасните гевгеличани тие ќе ви речат дека го помнат по неговите интересни предавања и високата професорска репутација. Како што е клетката во човековото тело, атомот во молекулата, фотонот во светлината така бил професорот во гевгелиското поетско творештво. Да не нѐ напуштеше пред 9 години денес ќе му празнувавме 82 години.
Има оставено песни за да опремиме седум изданија на поетски културни фестивали. И уште толку есеи кои не ја дочекале својата публикација. Однедопица ја сврзал првата читанка, првата збирка поезија – „Сончогледово око“ уште во 1979 г. Не отстапил од пишување до крајот, до неговата смрт. Па така последната негова збирка поезија е издадена во 2016, постхумно.
Уверен сум дека е еден од поретките македонски поети, кои животот во своите песни го опеваат и прикажуваат подобро од руските и германските класици. Секој живот ја има дупката во земјата, но и планинскиот врв близу сонцето. Кај овој поет буквите скокум се фаќаат на оро, и си го испреплетуваат редот. Тие провејуваат како ветер во воздухот и ти се вкоренуваат во главата, па ти мислиш на нив, спиеш со нив, со нив наутро се измиваш и со нив навечер се враќаш уморен од денот. Еднаш прочитани – но од тебе самиот уште безброј пати напишани. Само еден стих, што е дворец изграден од камењата што ги нареков Карајанови букви, вреди и тежи колку нива со созреано жито. А целата песна ти е претсказание за текот на животот, оти поетот го предвидел тоа како низ стакло со повеќе даги.
Има некои нешта, на кои човек не може да им одолеее. Како што дете не одолејува на лижавка, како што водата не одолејува на речното корито, како што сонцето не одолејува на сончогледот, така и читателот не останува рамнодушен на ова творештво. Оти поезијата е насип на затурени мисли, кои еден мал бран ги разнесува по листот хартија.
Не е просто да издвојам песна која ќе ја анализирам, тоа е како една мајка да каже кое дете најмногу го сака. Сите деца на мајката ѝ се убави. Мајката за своите не, но за туѓи може да издвои едно. Е па јас како туѓа мајка ќе издвојам една, но не песна туку реченица. Стих кој ќе ни го оцрта поетот со природна светлост, без додатни рефлектори.
Ќе ги најдеме ли клучевите за тајните двери
и ковчези додека животот невидливо поминува?
Моќта на било кој стих, е читателот да го разбере на свој начин. Затоа овде го приведувам крајот и ве оставам во недоумица заради славните зборови на Илија Карајанов.

