Убав ден, 29.10.2024 година. Деветтоодделенците од ООУ,,Ристо Шуклев”-Негорци се упатија на тридневна екскурзија низ татковината.
Прв ден: Скопје-главен град. Посета на Скопско Кале, панорамско разгледување на Скопје и посета на црквата Св. Спас. Се поклонивме пред гробот на Гоце Делчев, прошетавме низ Старата скопска чаршија, спој на традицијата и современото, го посетивме Музејот на холокаустот на Евреите.


Продолжуваме понатаму. Изворот на реката Вардар, Вруток, е прекрасно, живописно место во што самите се уверивме. По течението на реката Радика, се упативме кон Бигорскиот манастир. Прекрасна глетка од височината каде е сместен манастирот. Во предвечерието нè пречака Охрид…




Втор ден. 30.10.2024 година, веднаш по појадокот ја посетивме Самоиловата тврдина, Античкиот театар, манастирот Св.Наум, па Музејот на вода – наколното живеалиште. Охрид е вистинско туристичко место, има што да се види и посети. Во попладневните часови го посетивме Вевчани, град држава, познат по изворите и пркосот на вевчанци.
Трет ден, 31.10.2024 година. Му кажавме довидување на Охрид, затоа што Битола нè чекаше! Битола, град на конзулите, град на Браќата Манаки, на филмот, на модата… Посета на Музејот на Мустафа Кемал Ататурк каде има експонати од праисториско време, па сè до поновата историја. Го посетивме и археолошкиот локалитет Хераклеа, стариот град и се упативме кон градот со стратешка местоположба – Крушево. Крушево е град на илинденците и на нашиот Тоше. Град-историја. Го посетивме Македониумот и Спомен куќата-Музеј на Тоше Проески.





Уморни, но задоволни и возбудени, не ни забележавме дека пристигнавме дома. Воодушевени се поздравивме со другарчињата и си посакавме уште вакви патувања.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.