Петар Мијалков: Дишам за овој спорт

Државен и БМУ европски шампион во мото трки

Новинар: Марко Петковски

Што те инспирираше да почнеш да се занимаваш со мото трки и кога ја почувствува твојата страст кон моторите?

Ме инспирира љубовта и желбата кон моторите. Тоа е нешто што го чувствувам уште од мали нозе – звукот, брзината и адреналинот ми беа магија. Секогаш сонував еден ден да бидам на тркачка патека, но поради недоволно финансии почнав да се натпреварувам професионално дури пред три години. Оттогаш, живеам и дишам за овој спорт.

Какво чувство е да возиш мотор од 1000 кубика и кои се најголемите предизвици при такво темпо?

Да возиш мотор од 1000 кубика е чувство што тешко може да се опише со зборови. Тоа е комбинација од адреналин, концентрација и мир во исто време. Моторот бара целосна контрола – секунда невнимание може да значи многу. Предизвиците се огромни: од физичката подготвеност, преку техничките поставки на моторот, до менталниот фокус кој мора да биде на највисоко ниво.

Можеш ли да ни раскажеш нешто повеќе за трката на која го освои првото место во националното првенство?

Првото место го освоив за првпат минатата година, на последните две трки од БМУ Европскиот шампионат кои се одржаа во Серес, Грција. Тоа беа трки исполнети со силни емоции, борби и неизвесност до самиот крај. Со тие победи не само што станав државен шампион, туку и европски вицешампион – нешто што за мене беше голем сон и потврда за целиот труд низ годините.

Колку време и посветеност се потребни за да се подготвиш за едно големо натпреварување?

Подготовките почнуваат месеци однапред. Секој ден е исполнет со тренинг, физичка кондиција, работа на фокус и концентрација, како и тестирање и подесување на моторот. Секој детаљ има своја улога – од правилната исхрана до квалитетниот сон. На вакво ниво, нема место за импровизација. Сè мора да биде совршено подготвено за да се издржи притисокот на патеката.

Дали некогаш си имал опасна ситуација на патеката и како реагираш во такви моменти?

Сум имал многу опасни ситуации. Секогаш се обидувам да избегнам пад или судир, но понекогаш тоа е невозможно. Во тие моменти најважно е да останеш смирен, да ја задржиш контролата и да не паничиш. Менталната сила тука игра огромна улога.

Што мислиш дека е најважно за еден возач – храброста, техниката или искуството?

 Сите три фактори се клучни, но би додал и нешто повеќе – ментална сила, фокус и физичка подготвеност. Без храброст нема напредок, без техника нема брзина, а без искуство нема стабилност. Тоа е совршен спој што се гради со време, труд и дисциплина.

Кои се твоите идни цели – дали планираш меѓународни трки или нешто ново во кариерата?

Следната сезона ќе биде уште посилна. Планирам премин во повисока класа и настапи на европско ниво против најдобрите возачи. Целта ми е да продолжам да се развивам, да ја претставувам Македонија на највисоко ниво и да донесам уште повеќе трофеи дома.

 

Споделете го написот:

Поврзани Написи