Стотици жени секојдневно влегуваат во конфекции пред сонцето да изгрее, а излегуваат кога тоа на зајдисонце. Тие не шијат само кошули и блузи – тие шијат дел од својата младост, здравје и достоинство. Платите им се едвај за прехрана и за плаќање сметки. Овие жени се тивките хероини на нашиот град.
Зошто? И мојата мајка работеше во конфекција и јас знам како ги минав деновите од младоста, како студирав и какви ми беа деновите на студии. Морав да го оправдам нејзиниот тешко заработен денар. Такви случаи и денес имаме многу. Но што се случува кога на некои од овие жени им се разболи детето или се разболат тие, не да Боже да им затреба операција која чини многу. Што се случува со слични вакви случаи и во други сектори? Гевгелија била секогаш хумана, Општината исто така, гевгеличани секогаш помагале и никогаш не затвориле врата никому.
Како Здружение размислуваме (без разлика кој ќе биде иден татко на градот) да поднесеме предлог до Општина Гевгелија да се отвори Фонд за итни случаи и поддршка на ранливи категории, разгледан и усвоен од Советот на Општина Гевгелија, доколку имаат разбирање за ова.
Фондот би се финансирал од дел од општинскиот буџет, а во него би можеле да се вклучат и донации од компании, организации и поединци.
Управувањето со средствата треба да биде транспарентно и доверено на одбор составен од претставници на општината, здруженијата и локалната заедница.
Процедурата би предвидела:
- Поднесување иницијатива од здружение до Советот на Општината.
- Советот да ја стави точката на дневен ред и со одлука да го усвои формирањето на Фондот.
- Донесување правилник за функционирање, со јасни критериуми за тоа кој и во кои случаи може да добие поддршка.
- Формирање управен одбор кој ќе одлучува за секое барање.
Овој Фонд нема да биде само финансиски инструмент – тој ќе биде порака дека Општина Гевгелија стои рамо до рамо со своите најслаби граѓани, дека ги гледа и ги признава нивните маки, и дека заедно можеме да изградиме посолидарна и похумана заедница.