Училишниот магазин „Јоска“ освои трето место на МАКИНОВА 2026, меѓународната изложба на пронајдоци, иновации, нови технологии и младинско истражувачко и креативно творештво, која се одржа во Скопје, во просториите на СУГС „Никола Карев“.
Училиштето се претстави со проектот Училишен магазин „Јоска“, преку кој беше презентирана работата на училишниот медиумски клуб, неговата организација, продукцијата на медиумски содржини и можностите што ги нуди за развивање на креативноста, истражувачките способности и медиумската писменост кај младите.

Во претставувањето на проектот учествуваа учениците Андреј Димов и Костадин Узунов, под менторство на Тони Аврамов.
МАКИНОВА е традиционална меѓународна изложба на пронајдоци и иновации, која има долгогодишна традиција во Македонија. Таа претставува платформа за презентација и афирмација на иновативни идеи, истражувачки проекти, технички решенија и креативни достигнувања. Годинашниот натпревар беше одржан под покровителство на претседателката на Македонија Гордана Сиљановска – Давкова.
На натпреварот учествуваа 100 училишта од: Македонија, Србија, Словенија, Црна Гора и Бугарија.
Во рамките на изложбата се претставуваат пронајдоци, иновации, патенти, нови технологии, нови производи, технички унапредувања, индустриски дизајн, трговски марки, како и младинско истражувачко и креативно творештво.
Организацијата на досегашните изданија на МАКИНОВА ја носат Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија (СПАТУМ) и Народна техника на Македонија. Изложбата традиционално вклучува стручна евалуација на пријавените трудови и доделување признанија и награди за најуспешните учесници.
Во рамките на оваа манифестација традиционално се организира и ЕКОНОВА – изложба посветена на иновации, пронајдоци и истражувачки идеи за заштита и унапредување на животната средина.
МАКИНОВА има посебно значење за поттикнување на истражувачкиот дух кај младите, развивање на иновативното размислување и поврзување на образованието со практичната примена на знаењето.


