Уметноста духовно го одржува човекот

Интервју со ГОРДАНА НИКОЛОСКА ПЕТРОВА

Новинар: Костадин Узунов

Да започнеме со кратко претставување, ран почеток и првобитен тек на образование и понатамошно стручно школување ?

Јас сум Гордана Николоска Петрова, по професија дипломиран вајар со графички дизајн. За раниот почеток, творам од најмала возраст. Отсекогаш ме привлекувала уметноста, зради тоа и се определив во тој правец. Завршив во средното  училиште за применета уметност ,,Втори август’’- отсек вајарство , во Скопје. Таму  учев од доајените на македонската скулптура Димо Тодоровски и Јордан Грабуловски. Завршив во 1981год. како ученик на генерацијата. Продолжив на Ликовна академија, исто во Скопје, надоградувајќи се на отсекот вајарство. Бев ученик на Петар Хаџи – Бошков, а заваршив во класата на професор Стефан Маневски, со најголем просек во генерацијата. Дипломирав 1987 год., од кога нормално продолжив да творам. Во меѓувреме завршив и педагошка академија за наставници. Од областа на графичкиот дизајн, имам освоено две први награди за дизајн на грб и знаме на општините Долнени и Миравци. Долги години имам работено во НУ Музеј – Гевгелија.

Кога споменавте дека започнувате со работа во Гевгелија, објаснете ни како дојдовте да живеете овде, бидејќи вашете потекло не е од Гевгелија ?

Да, јас сум родум од Скопје. Со мојот сопруг, кој е од Гевгелија, се запознавме уште за време на нашите студии на академијата, најпрвин одлучивме да живееме и твориме во Скопје. Таму деведесеттите години држевме галерија со мои изработки (бакарни слики, релјефни плочи итн.) , а потоа се преселивме. Како што реков овде се вработив во музејот, работев како конзерватор и реставратор на антички, археолошки пронајдоци и бронзени наоди. Тогаш започнав со изработка на комерцијални копии од наодите за маркетиншки потреби, со цел да се зачува македонското традиционално богатство а притоа да се стекне и негова афирмација ширум светот.

Би сакал малку подетално да ни ги образложите овие ваши дела, што е тоа комерцијална копија?

Комерцијалната копија е дело кое е веродостојно на оригиналниот наод, а е достапен за секој клиент, турист, посетител итн. Сите заинтересирани можат да купат примерок со издаден сертификат. Постои и музејска копија, таа се вади од оригиналното дело, со помош на соодветен калап. Има веродстојност од над 99%, стручно таа копија уште и се нарекува реплика. Суштинската разлика помеѓу комерцијалната и музејската копија е во бројот на примероци. Дозволени примероци од музејската копија се 5 примерока. Откога ќе се извадат петте реплики, калапите комисиски се уништуваат. Петте примероци остануваат во сопственост на музејот, владата и државата. оригиналот е изложен во Македонија, меѓутоа е забранет негов транспорт вон границите на државата. Затоа постојат музејските копии, кои се носат на разни презентации, научни собири надвор од државата.

Какви други мајсторства и убавини се создадени од вашите раце ?

Јас сум автор на една многу ретка, а можеби и единствена, поставка во светот која се вика „Праисториските дами од Македонија“. Се работи за праисториски женски фигурини. Носител на проектот беше археолог Ирена Колиштрковска. Успеав за осум месеци интензивна работа да извадам околу петстотини примероци од деведесет и шест оригинални предмети. Требаше да се реплицираат по пет примерока. Тоа беше многу интересна идеја, каде археологот успеа, од целата територија на Македонија да ги собере женските праисториски фигурини. Изложбата на фигурините помина успешно, сега веќе поодамна, тоа беше во 2006 г. Македонскиот музеј, изложбата ја има прошетано во доста голем број на земји од светот.

Сакам малку да се навратам на процесот на удвојување на ископините, дајте ни објаснување за севкупниот пат, како од наод до реплика ?

Јас доста внимавам при изработувањето. На пример единствена разлика е обемот, потесен за неколку милиметри кога доаѓа до калирање на глината. Вадиш отпечаток, од него правиш калап и заради денешните временски услови глината може да калира за неколку милиметри. Успеав во однос на надворешниот изглед-сликарството, да го имитирам оригиналниот тон на бои и рачно да ги насликам сите фигури.Можеби да се разликуваат и по текстура во зависност од видот на глината, поточно нејзиниот состав, колку песок содржи итн. Во тоа време глината не била така обработена, била груба ќерамика. Бидејќи предметот долго време минал под земја, претрпело промена на боја, но репликите треба да ја задржат бојата во која е пронајден како наод. Музејската копија задолжително е во состојба во која е пронајден предметот, додека комерцијалната може да претставува идејно решение кое се базира на одредена претпоставка како изгледале предметите, но јас и КК ја доближувам до оригиналот.

Велат дека уметниците и кога прават копија на некој акт, сепак оставаат свој белег. Дали вие оставате некој мал потпис по кој ќе се одреди авторството.

Порано КК ги обележувавме со меѓународна ознака Copy. Јас се потрудив и изборив дека секој автор треба да има право да го обележи тоа што го изработил. За тоа што на пример во Скопје зад еден ваков производ стои цел тим. Еден изработува калапи, друг пече, трет бои, четврт ги патенира од каде одат во маркетинг. Додека јас овде сè работам сама. исто треба да се издаде сертификат на англиски, кој содржи краток опис на фигурата, за ако го носиш преку граница да имаш доказ дека не си го украл. Оставам иницијали на секој изработен предмет.

Што и понатаму ќе Ви копа во сеќавањата?

Стоби ме има ангажирано, за кописта и реставратор. Во време кога се истакнав како најдобар кописта во Македонија. Имам освоено и прва награда за сувенир на град Гевгелија, тоа се рачно изработени ќерамички предмети, цела колекција ќерамички предмети со повеќе историски и природни обележја. Калинка, смоква, библиотека и русалија како обележја. Работев за Попова Кула и Македонско Село. Во 2001 г. со донација на Владо Ралев набавив печка за печење ќерамика во музејот, со цел да развиеме засебен сектор од таква област.

Колку голема е важноста на археолошките пронајдоци од подрачјето на Гевгелија. Конкретно за самиот град и неговиот развој.

Овде има пронајдоци од повеќе историски периоди. Од праисторија, од римската епоха но на вакво прашање сметам дека поквалитетен одговор ќе даде некој археолог. Но самото значење е огромно, во секоја смисла на зборот. Гевгелија буквално лежи на археолошки пронајдоци. Ова можеби најдобро го докажува самата музејска поставка. Од скулптури, преку бронзени орудија сè до монети. Најмногу држев до ќерамиката, а за бронзата сум била конзерватор. Сега во музејот можат да се купат реплики на некои монети изработени од златар. Водечка улога игра самата местоположба на Гевгелија. Најпознат пронајдок од овде е Мегарската чаша, чиј елемент беше дел од логото на Гевгелија град на култура за 2025 г. Други попознати пронајдоци се фигурата Персефона, Троусната ламба, фигури на богињи, корито за капење (какви се пронајдени 3 на територија на Европа, од кои едното е на Вардарски Рид).

Сакам да ми го опишете патот за изработка на една скулптура, не копија, туку скулптура.

Првенствено битна е самата визија на авторот. После мотивот, местото каде престојува авторот, на пример во Грција постои цел еден развиен бизнис од културно наследство. Како професионалец мора да ја процениш издржливоста на материјалот, конкретно ќе зборувам за ќерамиката. Повторно се изработува гипсен калап, каде рачно се имплементира глината. После одредено време стврднатиот продукт се вади од калапот и помина десетдневен период на сушење. Многу важно за глинените продукти е од нив добро да се исцеди влагата, да се просуши на воздух и да се испече во печка за ќерамика на некоја си температура од 800° С до 850°С. Настапува најкреативниот процес на сликање. Имам за цел, во градов моето знаење да го пренесам на млади таленти, за да може да се зачува рачната и традиционална изработка на вакви производи. А со самото тоа и ќе се зголеми туристичката понуда во градот. Мислам дека во последните 30 години мои изработки има насекаде во светот, со тоа што да кажеме Јапонци или Кинези ќе застанат во Стоби и ќе купат одреден сувенир. На тој начин ние ја шириме македонската култура. Ги задржуваме и туристите и го будиме интересот во нив да видат што се има во Македонија.

Ни наведе дека потесна специјалност Ви е ќерамиката. Имате искуство со друг уметнички формат?

Паралелно се занимавам и со сликарство. Сега имам многу малку време за таква дејност. Но се трудам да изгубам кондиција. Омилена техника ми е пастелот. Сум работела и со маслени бои, масло на платно. Тие сакаат поголемо времетраење, подолго се сушат за да наметнеш нов слој. Пастелот ми е попрактичен, затоа што дозволува играње со боите. Во попресен период осмислив и една нова комбинација на дрво и ќерамика. Импресионирана сум од стара архитектура, стари порти и градби. Посебно внимание посветувам на деталите што се запазувале, односно доминирале во минатото. Се држам до етнологијата и археологијата.

Сте изработувале ли некогаш портрети, зашто велат дека тоа е еден специфичен чин.

Апсолутно да, имам искуство со цртање портрети. Но и со изработка на бисти. Автор сум на спомен обележје, кое се наоѓа пред општина Богданци, тоа е биста на г. Иван Кал’чев. Но за портрети најмногу сум била барана за приватни нарачки.

Кога сме веќе кај областа на сликањето, ме интересира вашето мислење поврзано со ВИ, колку вештачката интелигенција може да го замени делото на уметникот?

Мислам дека може да се направи веродостојно, со тоа што сега веќе постојат и машини за изградба на 3Д визуелизации, и изградба на скулптури. Но овој тренд, оваа мода верувам дека ќе се надживее. Повторно ќе се врати периодот каде човекот ќе стане свесен дека само тој е способен да си ги изрази емоциите, да си способен да се бориш со самиот себеси оти творештвото е големо страдање. Дури да создадеш едно уметничко дело, не земајќи предвид дали е слика, скулптура, песна, музика или сл. Се бориш внатре во самиот ти, со чувствата, истражуваш до која длабочина е спремен твојот ум да навлезе во твојот мозок. Анализираш услови, настани кои те опкружуваат. Тоа е еден сложен комплекс. Да не зборувам дека во секое дело уметникот се труди дали може да се искачи за една скала повисоко. ВИ тоа не го може, ќе биде таа тренд на младите генерации , но за краток период сето ова ќе замине низ историските страници. Уметноста е најјаката, постоечка дејност која ментално, духовно го одржува човекот во нормала и е одговорна за сет општочовечки развој.

Колку ВИ може да застане во улога на алатка, за инспирација, идеја или начин на творење ?

Единствено мислам дека може да биде корисна за побрз пристап до информации. Но самиот автор, доколку е вистински автор, нема да има потреба од таков помошник. Донекаде ја оправдувам, помага на младата генерација. Ќе споредам со периодот кога ние учевме и се образувавме имаше поинаков систем. моравме да имаме познавање и на српскиот јазик, за тоа што одредена литература не беше достапна на македонски.  Желни бевме да прочитаме, да се натпреваруваме кој ќе прочита и кој ќе дознае повеќе. Сега е обратна ситуација. Се дури здравствено сум способна продолжувам да читам, зашто тоа помага и за мозочните клетки кои не треба да ги оставиме во одмор.

Што за крај би изнеле како заклучок на ова интервју ?

Лично сметам дека Гевгелија и како дестинација има капацитет за развој на туризмот. Да ставам акцент и на задржувањето и пренесувањето на одредено знаење од страна на постарите кон помладите. Да ја афирмираме нашата историја и традиција, да го сочуваме нашето наследство и да го задржиме духот на предците.

 

Споделете го написот:

Поврзани Написи