Град што ги проголта спомените

Од уредникот

Секој град има свои архитектонски бисери, секој град има своја душа која пулсира со години, па и со векови. Во Гевгелија тоа се старите градски куќи, објекти од турскиот и балканскиот период, или зградите од раниот 20-ти век. Тие на градот му даваат убавина, му даваат специфичен изглед. Иако според нашите податоци единаесет градби се заштитени со решение и се споменици на културата само неколку од нив се реставрирани, а граѓаните како и да не знаат или не обрнуваат внимание на нив. Она што најмногу пречи во окото на минувачите е шареноликата слика која ги меша модерните со старите градби, безбројните огромни рекламни паноа или светлечки реклами со дискретно изработените орнаменти на старите фасади. Простете, но централното градско подрачје ја изгуби својата убавина, наликува како „новогодишна елка“ со различни бои и светла.

Се сеќавам кога пред триесеттина или можеби и помалку (дваесеттина години) со камерата правевме кадри од централното градско подрачје, како камерата да зборуваше во наше име, дури не ни требаа зборови да кажеме сè. Сликата понекогаш беше нашиот говор. Денес објективот на камерата е оптоварен со безброј реклами понекогаш поголеми и одсамите дуќани. Парадоксално!

Светските искуства укажуваат дека доколку постојат стари архитектонски градби, посебно заштитени со закон ним им треба реставрација и пренамена во библиотеки, културни центри, па и кафетерии; Не велам дека градските татковци не се грижеле за ова, но сопствениците што ги поседуваат, или им се земени под закуп, треба да внимаваат на изгледот на објектите.

Модерно и старо – заедно, но внимателно.
Друг е проблемот со современа архитектура може да постои покрај стара, но мора да биде дискретна, ненаметлива и усогласена.
Пример: во Прага, новата архитектура во историскиот дел е речиси невидлива, бидејќи ги следи висината, бојата и стилот на околината.
Не е сеедно дали зграда е во жолта, сива или неон боја. Палетата на фасади треба да биде усогласена, особено во делови со историска вредност. Затоа што секоја фасада има душа, секоја фасада зборува.

Добри примери од светот:

Бриж, Белгија – рестрикции за висина, материјали и бои на фасади. Ново се гради, но така што не се забележува разликата.

Барселона, Шпанија – модерни згради во нови зони, а старата “Ешампле” зона е заштитена.

Љубљана, Словенија – речиси никакви нови згради во стариот дел. Центарот е пешачки, а новата архитектура е префрлена во нови зони.

 А што со Гевгелија?

    • Дали сакаме град без паркови, со преполни улици и згради што никнуваат без ред?

    • Дали сакаме да ги загубиме старите куќи, и да останеме без нишка културен идентитет?

    • Или сакаме модерен, но плански изграден град кој го зачувува старото и создава простор за новото – со почит и визија?

Време е граѓаните да зборуваат. Урбаното уредување е прашање на квалитет на живот, а не само на градежни дозволи или да бидеме груби со прашањето: кој владее со урбаниот хаос во Гевгелија?

 Гевгелија заслужува урбан ред, не урбан хаос!

Во светски метрополи, старото и новото живеат заедно – но со вкус, план и почит. Така треба да биде и кај нас.

 Стари куќи не треба да се рушат, туку да се обновуваат.
 Нови згради не треба да никнуваат каде ќе стигнат, туку по план.
 Фасадите треба да имаат усогласена естетика, а не секоја боја да вика „погледни ме“.

Поддржи идеја за вистинско урбано уредување во Гевгелија.

Споделете го написот:

Поврзани Написи