Мирослав Бошнаков: УЧЕТЕ СО РАДОСТ

Новинар: Mихаела Јовановиќ

Ментор: Mарија Ангова Цветковска

Мирослав Бошнаков: Моето единствено работно место е наставник во ООУ „Кочо Рацин“ – Нов Дојран каде работам од 1997 година. 23 години работев со деца од 1 до 5 одделение, во комбинирани и чисти паралелки, а последниве 4 години сум директор во училиштето.


Како ја дефинирате вашата улога како директор на ова училиште?

Улогата на директор е значајна од аспект на обезбедување на непречени услови за одвивање на воспитно-образовниот процес, целосна реализација на програмите за работа, обезбедување на пријатна клима за работа и учење, брзо разрешување на сите кризни ситуации, обезбедување на еднакви можности за сите и планирање на стратегии за напредок во работата во иднина.

Што претставува најголем предизвик во вашата работа?

Обезбедувањето на материјално-техничките услови за непречена работа на училиштето,  реализацијата на програмата како, позитивната и безбедна атмосвера за работа и учење и еднаквите можности за сите се најголемите предизвици во работата.


Кои се клучните цели на вашето училиште за оваа учебна година?

Обезбедување квалитетен воспитно – образовен процес, преку примена на современи методи на учење, критичко размислување и интегрирање на информатичка технологија во наставата, поддршка на самостојноста на ученикот во процесот на стекнување на знаења, за нивна практична примена во реалниот животен контекст, креирање на култура на доживотно учење.

Како го поддржувате професионалниот развој на наставниците?

Училиштето ги поддржува наставниците самостојно професионално да се надоградуваат според нивните потреби и обезбедува најмалку две професионални обуки во текот на учебната година кои се избрани од страна на тимот за професионален развој а кои одговараат на потребите на наставниците.

Како ги интегрирате новите технологии во наставата?

Според материјалните услови, се трудиме да бидеме во чекор со новите технологии и методи во наставниот процес незаборавајки притоа да го надоградуваме технолошкото- методолошкото знаење на наставниот кадар. Користењето на образовни апликации, интерактивни и видео платформи, интегрирањето на новите технолошки уреди и користењто на вештачката интелигенција ќе бидат водич во модерната настава.


Како училиштето ги мотивира учениците за учење и личен развој?

Потребите на ученикот и поврзувањето на реалниот живот и учењето. Обезбедувањето на безбедна и пријатна средина е мотив за постигнување подобри резултати, како и личната афирмација и материјална мотивација за постигнување на врвни резултати на натпреварите и конкурсите.

Како го поттикнувате учеството на учениците во воннаставни активности?

Со препознавање на интересите на учениците, разновидните активности, со поддршката од родителите и наставниците, со промовирање и наградување пред локалната заедница како и со изборот на Ученик на генерацијата ги мотивираме учениците за вклучување во дополнителни активности и постигнување резултати.


Како соработувате со родителите и локалната заедница?

Соработката со родителите и локалната заедница не е на посакуваното ниво и во иднина ќе се потрудиме да ја подобриме соработката особено ако успееме да се оттргнеме од политичките интереси и се насочиме единствено кон интересите на децата.

Дали има конкретни проекти или иницијативи кои го зајакнуваат овој однос?

Да, училиштето соработува со локалната самоуправа и таа соработка преку неколку проекти допринесе во подобрување на условите за работа на училиштето, со тоа се подобри и општата оценка за работата на училиштето што е потврдено и при неодамнешната Интегрална инспекција за работата на училиштето.


Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како училиште?

Обезбедувањето на современи материјално технички услови за работа и држењето на чекор со современата технологија, обезбедувањето на стручен и мотивиран кадрар спремен да се надоградува за интересите на модерното образование, безбедноста и заштитата, инклузивноста како и психолошко – социјалните проблеми остануваат главни предизвици со кои се соочуваме.

Каде го гледате вашето училиште за пет години?

Во иднина гледам училиште во кое ќе има услови за индивидуален развој на учениците и професионален развој на наставниците, училиште со мотивирани наставници и ученици што ќе резултира со ефективен и квалитетен воспитно – образовен процес.


Што би сакале да промените во образовниот систем?

Користење на иновативни дигитални технологии каде наставникот ќе го поттикнува секој ученик да напредува според своите можности и залагања. Поголема поврзаност на учењето со реалниот живот и вклопување во потребите на заедницата. Враќање на угледот во образованието преку промени во стратегиите на воспитно – образовниот процес.

Која е вашата порака до учениците, родителите и наставниците?

Учете со радост, бидејќи учењето е процес кој трае цел живот, а најголемиот успех не е само да стекнете знаење, туку да научите како да размислувате и како да се справувате со предизвиците. Останете љубопитни и амбициозни, и не заборавајте: секој ден е нова можност да се подобрите! Влијанието на родителите е клучно во детскиот  развој, не само во академскиот успех, туку и во нивните вредности, карактер и самопочитување. Поддржете ги во нивните интереси, охрабрете ги да бидат храбри во своите избори и бидете тука за нив, не само кога се среќни, туку и кога се соочуваат со потешкотии. Улогата на наставниците не е само да пренесете знаење, туку и да ги инспирирате, да ги водите и да им помогнете на учениците да откријат своите силни страни и да ја изградат својата самодоверба. Ваша е задачата да ги мотивирате учениците да се стремат кон највисоки цели и да се чувствуваат сигурни во своите способности.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПММедиацентар од СараевоАлбанскиот медиумски институтЦрногорскиот медиумски институтСоветот за етика во медиумите на КосовоМакедонскиот институт за медиумиНовосадската школа за новинарствоМировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Споделете го написот:

Поврзани Написи