Црквата Свети Илија паметник на голготата и убавината на Дојран

Автор: Тања Ѓоргиевска

Ментор: Марија Ангова Цветковска

            Дојран бисерот на југоисточна Македонија има богата историја исполнета со убави приказни, но и многу трагични настани. Тоа е гратче со вековна историја и традиција. Туристи го посетуваат во текот на целата година, поради убавото мирно езеро, прекрасната храна, но и богатата историја. Уште кога влегуваш во местото Стар Дојран како стражар гордо и величествено стои црквата „Свети Илија“.  Таа е нем споменик на величественоста на градот, но и на неговата трагична судбина од негово издигнување до уништување.

            Изградена е во 1848 година врз остатоци на постар христијански објект.  Главен архитект бил Ѓорѓе Новаков, а средставата за нејзина изградба биле од доброволните прилози на дојранските верници.  Најпрво со султански указ била предадена на грчката Патријаршија, но по реакциите на поголемиот дел од жителите, кои барале богослужбите да се вршат на словенски јазик, црквата е предадена на Егзархијата како бугарска црква. Подоцна, грчката патријаршија ќе изгради помала црква “Свети Ѓоргија” која се наоѓала зад црквата “Свети Илија” и која меѓу народот е запаметена како “Грчка црква”. Црквата „Свети Илија“ е со импресивни димензии ( 30 метри должина, 20 метри ширина и 10 метри висина) што соодветствуваат со големината на градот и неговото население. Се протега на два спрата и може да собере до 600 верници. Во нејзината внатрешност се вградени акустични стомни кои се гледат на самите ѕидови на црквата.  За жал, во 1916 година по жестокото бомбардирање во Првата светска војна таа е разрушена, како и градот Дојран.

Долго време стоеше во руини како потсетник за трагичната судбина на својот град. Конечно во 2003 година почнуваат првите работи за нејзиното обновување. Во 2008 година се извршени конзерваторско-реставраторски интервенции од НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица. Санирани се страничните ѕидови, извршена е реконструкција на внатрешната и кровната структура. Но сеуште треба многу работа и ангажирање од надлежните инситуции и месното население за да се врати стариот историски сјај и оригинална форма на оваа прекрасна градба. Обновувањето на црквата „Свети Илија“ се поклопува со враќањето на нивото на Дојранското Езеро и се поголемото инвестирање во Дојран за враќање на сјајот на градот и неговото воспоставување како регионален туристички центар. Црквата иако е недовршена и  без иконостас сепак од неа зрачи духовноста и во неа редовно под надлежност на Струмичката Епархија се одржуваат литургии. Кога ќе влезеш низ нејзините порти го чуствуваш мирот и религиозноста кое го зрачи ова место.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПММедиацентар од СараевоАлбанскиот медиумски институтЦрногорскиот медиумски институтСоветот за етика во медиумите на КосовоМакедонскиот институт за медиумиНовосадската школа за новинарствоМировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Споделете го написот:

Поврзани Написи