Новинар: Христијан Ајцев
Ментор: Марија Ангова Цветковска
Можете ли да ни кажете нешто за себе и вашето образование?
Пред да започне интервјуто, сакам да Ви честитам на формирањето на Медиумскиот клуб Мандра – Дојран. Ми причинува особено задоволство што младите луѓе од Дојран се организираат во оваа форма и Ви посакувам многу успех во Вашата мисија за подобрување на медиумската писменост.
Што се однесува до моето образование, со гордост можам да кажам дека основно училиште завршив во ОУ “Кочо Рацин“ – Нов Дојран. Уф… тоа беа убави времиња, најпрвин со нашата драга наставничка од I до IV одделение Марија Узунова, а потоа и со останатите наставници од V до VIII одделение, при што, како прва помеѓу еднаквите (оти сите наставници ми беа еднакво драги), морам да ја споменам нашата класна раководителка Евгенија Јованчевска, која не воведе во “тајните“ на нашиот убав македонски јазик.
Средно гимназиско образование завршив во СОУ “Јосиф Јосифовски – Свештарот“ од Гевгелија, но настава посетував во истурените паралелки во Богданци. Во тоа време, сѐ уште не беше основано средното училиште во Богданци како посебна институција.
И крајно, завршив правен факултет на „Јустинијан Први“ Скопје, на кој потоа одбранив и магистерска теза од областа на меѓународното право.
Што ве инспирираше да се одлучите за правната професија?
Па, не можам да кажам дека сум сонувал како дете дека ќе се занимавам како правник. Мои омилени реквизити како дете ми беа фудбалската топка и географскиот атлас. Но, некако правната професија се наметна сама по себе, со оглед дека мојот татко е правник и адвокат, па запишувањето на Правниот факултет во Скопје се чини беше природен, но и рационален пат. Голем удел имаше и фактот дека бев особено заинтересиран за т.н. политичка географија, па во тој котекст особено ми беше интересно и меѓународното право и односите помеѓу државите. Но, мислам дека желбата за правичност беше основата на мојата одлука да се одлучам за правната професија.
Кога започнавте да работите како правник и кои беа вашите почетоци?
Започнав да работам како правник од 2011 година, кога се вработив во Т-Мобиле Македонија АД Скопје. Претходно работев како адвокатски стручен соработник во адвокатската канцеларија на мојот татко во Гевгелија, но тој период беше испреплетен со завршувањето на моето магистерско образование, така што во тој период може да се каже дека уште учев, и пракса (во адвокатската канцеларија) и теорија (на факултетот). Од 2016 година работам во Скопје во сопствена адвокатска канцеларија.
Можете ли да ни раскажете за некој случај или проект кој оставил најголем впечаток на вас?
Додека работев во Т-Мобиле Македонија АД Скопје имав прилика како млад правник да работам на големи проекти кои компанијата ги спроведуваше во тоа време. Но, можеби најдраг проект ми е правната поддршка која ја давав во проектот за модернизација на начинот на наплата со телефон и следење на автобусите во Град Скопје. Тогаш уште немаше развиено правна рамка за плаќање со телефон, и навистина беше предизвик да се работи на таа рамка. Можеби најмногу ми остава впечаток тој проект бидејќи кога ќе платам автобуска карта со телефон, ми навираат сеќавања на долготрајните дискусии на таа тема.
Кои се најголемите предизвици со кои сте се соочиле во кариерата?
Луѓето се најголемиот предизвик, односно специфичните карактери на луѓето. Не сме сите исти, така што најголемиот предизвик е да се прилагодите на различните карактери на луѓето кои имаат влијание врз твоето работење, а со цел да се постигнат најдобрите резултати.
Како правото може да придонесе за подобрување на квалитетот на живот во заедницата?
Правото е основата. Ако се почитуваат законите, ќе имаме подобро образование, подобро здравство, подобра животна средина, подобра економија итн. Вака, кршејќи ги законите или заобиколувајќи го законите, нема да стигнеме никаде. Ако не ги избереме најдобрите наставници или доктори, нема да имаме добро образование и здравство; ако фрламе ѓубре насекаде, нема да имаме чиста животиа средина и луѓето ќе умираат побрзо; ако не се злоупотребуваат државните ресурси или ако избегнуваме плаќање на даноци нема да имаме подобра економија. Едноставно е, ако немаме ред во државата, не може да очекуваме квалитет на живот. Жалам што ќе го кажам ова, ама ние Македонците сме дволични: сакаме да се подобри квалитетот на живот во Македонија, ама ние не сакаме да се подобриме…

Како модерната технологија и дигитализацијата влијаат на правната професија?
Имаат големо влијание, од проста причина што сега е полесно со вештачката интелегенција да се состави договор или некој друг писмен документ, што претходно било потешко да се направи без правно образование. Но, лично сметам дека тоа во одредена мера не е добро, затоа што сепак правото не е универзално, ниту пак е 100% егзактна наука. Има многу детали кои ценам дека вештачката интелегенција сѐ уште не може да ги препознае и резонира, така што мислам дека треба поголема внимателност на тоа поле.
Кои се клучните законски промени што ги сметате за важни за иднината?
Мислам дека во Македонија законите, во принцип, не се лоши. Проблемот во Македонија е во нивното (не)спроведување. Мислам дека на тоа треба да работиме. Впрочем, Англија воопшто нема устав, ама сите гледаме како функционираат работите таму.
Кој совет би им го дале на младите кои сакаат да станат правници?
Во Македонија, според моето скромно мислење, во моментот недостасуваат правници, а особено надостасуваат квалитетни правници. Затоа, ако сакаат да станат правници, слободно нека ја одберат таа професија, и ако се упорни и се стекнат со знаење, мислам дека ќе бидат задоволни и од професионален, но и од финансиски аспект.
Кои квалитети се најважни за еден успешен човек?
Без дилема: чесност, посветеност и поседување на самодоверба, ама самодоверба базирана на познавања и квалитет, а не на импровизација. Тоа се квалитети за успех на долг рок, бидејќи само тоа е вистински успех.
Како правото може да помогне во заштитата на природните ресурси, како што е Дојранското Езеро?
Мислам дека на тоа Ви одговорив погоре. Не е проблем правото, проблем е неговото непочитување. Нашите закони за заштита на животната средина се прилично строги, ама не се почитуваат, но што е уште поголем проблем, немаме желба или знаење (или и двете) да го контролиме и казнуваме таквото непочитување. Во однос на Дојранското Езеро има уште еден објективен проблем, а тоа е незаинтересираноста на грчката страна за езерото и покрај постоењето на меѓународни договори. Од моето образование за жал сфатив дека во меѓународните односи, меѓународното право не помага многу, туку само меѓународната политика…

Кои активности најмногу уживате да ги правите кога сте во Дојран?
Најмногу уживам во моментите со моето семејство, моите роднини и моите другари. Ако тоа уживање се комбинира со добар поглед спрема езерото, добра музика и добра риба, не знам што може човек повеќе да посака од тоа…
Кој момент или спомен од Дојран ви е најдраг?
Мирисот на тревата на стадионот на ФК “Дојранско Езеро“ во Нов Дојран. Ме потсеќа на натпреварите на ФК “Дојранско Езеро“ кои сум ги играл, или сум ги гледал. Ако зборуваме за конкретен настан, тоа е драмската поставка на “Пиликатник“ од Антон Панов, што се одржа на брегот на Дојранското Езеро во моментите кога истото беше најмногу исушено. Тоа беше спектакл за мене како дете, и од тогаш ја засакав драмската уметност.
Што би им препорачале на луѓето кои никогаш не го посетиле Дојран?
Да го посетат Дојран во сите годишни времиња, оти Дојран има убавина во секое годишно време. Дојран не е убав само летно време, и ако зборувам искрено, мене Дојран ми е најубав во пролетните и есенските месеци. Ќе сретнат пријатни луѓе, луѓе отворени за муабет, ќе јадат добра храна и ќе уживаат во погледот кон Круша и Беласица.
Што ве инспирира најмногу да зборувате и да го сакате Дојран?
Ова е најтешкото прашање, и немам прецизен одговор на истото. Дојран испирира со неговиот пејсаж, зарем треба повеќе од тоа… Дојран го сакам како мое родно место и со радост зборувам секаде за Дојран.
Кои се вашите професионални цели за иднината?
Мојата цел во иднината е поголем баланс помеѓу работата и приватниот живот. Засега сум задоволен од мојата професија како адвокат. Единствено, би сакал да имам повеќе време за семејството, но и за некое патување повеќе. Се надевам дека тоа ќе ми се оствари, здравје само…
Која е пораката која ќе им ја упатите на учениците од нашето училиште, како ученик кој се памети во ООУ ,,Кочо Рацин” – Нов Дојран?
Учењето никогаш не е залудно, затоа учете и читајте… Учењето на долг рок се исплати. Но, направете и баланс со другите убавини кои ги пружа Вашето детство, дружете се со Вашите другари, играјте фудбал, балет, карате, оро, “мижница“… Има време за сѐ, уживајте во детството!

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

