Новинар: Магдалена Стамкова
Ментор: Жаклина Линкова
Кога е формирано друштвото „Браќа Толеви“ и по чија иницијатива?
КУД „Браќа Толеви“ е формирано во месец фебруари, 1975година од мештаните ентузијасти од с. Прдејци, но на почетокот функционираше како секција. Имаше активности, јавни настапи обично по некои поводи, најчесто по повод 8 Март, денот на жената. Во месец мај 2003година, на иницијатива на неколку ентузијасти и со огромна помош и поддршка од кореографот Ѓорги Јованов, друштвото повторно се активира. Денес друштвото функционира како посебен правен субјект со свој Статут, програма за активности и се она што подразбира такво функционирање.
Како ова друштво го доби името?
Функционирањето на посебно друштво подразбира и именување на истото. Името го доби во чест на двајца браќа првоборци од Прдејци, Ванчо и Петко Толеви. Инаку младите ентузијасти од ова друштво за време на обновата на земјата учествуваа во низа младински акции на што сме посебно горди.

Какви беа условите за формирање на едно вакво друштво на почетокот, а какви се сега?
Желбата беше голема, а условите за вежбање, тешки. Благодарение на раководството на училиштето „Ристо Шуклев“, ни беше овозможено да вежбаме во просториите на подрачното училиште во Прдејци. Денес тоа е олеснето, вежбаме во Младинскиот дом, во добри услови и можам да кажам дека сме презадоволни. Со текот на годините и бројот на играорци постојано се зголемува.
Кои ресурси ви беа потребни за да започнете со активности?
Би кажал желбата е најголем ресурс. Без желба, без ентузијазмот што го носиме во нас, не би биле овде каде што сме денес. Постепено набавувавме носии, научивме како да ги одржуваме, уредно ги средуваме, едноставно кажано, се грижиме, затоа што тоа е нашето богатство. Би го искористил моментот да упатам еден апел до сите, дел од вас се играорци: Чувајте ги носиите, чувајте ја традицијата и народниот дух! Нашата носија има свои обележја, црвената и црната боја доминираат, тие се белег на духот на народот, ја отсликува нашата историја, но и завет се од нашите предци.

Дали имате поддршка од општина Гевгелија?
Имаме голема поддршка од општина Гевгелија. Благодарни сме на сите градоначалници досега затоа што сите, без исклучок, имале слух и разбирање за фолклорот и нашите потреби.

Како, на кој начин го одбележавте јубилејот 20 години постоење?
Јубилеите, и десетгодишниот и дваесет години постоење си ги одбележавме како што доликува. Покануваме културно-уметнички друштва со кои сме збратимени, одржуваме по неколку концерти пред многубројна публика. Тоа значи дружење, размена на искуства. Јавно, пред публиката доделуваме благодарници и ги спомнуваме сите играорци низ поминатите години. Ја изразуваме нашата гордост затоа што нашите играорци се денес истакнати членови во општествениот живот: економисти, лекари, професори, дефектолози, логопеди, архитекти, вредни личности кои оставиле белег во друштвото.
Колку играорци имавте на почетокот , а колку сега и како се групирани?
Имаме играорци до 14 годишна возраст, над таа возраст кои се средна група и возрасни, кои се рекреативци. На почетокот имаше голема бројка на играорци. Денес имаме 17 почетници, 24 од средна група и 36 рекреативци во соработка со КУД „Негорци“, друштво со кое соработката е на високо ниво. За жал, мора да кажам дека се намалува бројот на машки играорци.
Од каде ги набавувате носиите?
На почетокот, од 1975година, нашите постари ентузијасти позајмувале носии од Дедино, тоа е село во Радовишко. Денес ги набавуваме од терен според потребите на секоја кореографија, некои од Ратево, некои се изработуваат со шиење и се специјализирани за ората што ги подготвуваме.
На какви потешкотии наидовте, со што се соочувавте во изминатиот период?
Да не се повторувам, на почетокот беше тешко и за простор за вежбање и за набавка на носии. Дел се набавени и со сопствени средства, но повторно ќе кажам дека љубовта кон фолклорот и ентузијазмот на членовите се пат кон успехот.

Што ви претставува најголема мотивација во изминатиот период?
Кога работиш таква благородна работа, аплаузот, задоволството на лицата на публиката, задоволството од успешниот настап кај играорците е вистинската мотивација да продолжиме со негување на фолклорот.
Каде се сте гостувале и на кои фестивали редовно учествувате?
Освен редовните настапи во таковината на покана од разни културно-уметнички друштва, сме имале настапи во Германија, Италија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Турција, Холандија, Белгија и на многу други места и држави.
Со кои друштва сте збратимени?
Збратимени сме со КУД „Пискавица“ од Бања Лука, а соработуваме повеќе од 15 години со КУД „Грозд“, КУД „Трстеник“, КУД „Батајница“

Кои се придобивките за играорците кои членуваат во друштвото?
Придобивките се многубројни, од физички придобивки, држење на телото, до негување на пријателство, дружење, социјализација, едукација за местата и државите кои се посетуваат, негување на народниот дух…
Какви награди и признанија сте добиле досега и која ви е посебно значајна?
Со текот на годините сме добивале многубројни награди и признанија и сите ни биле подеднакво важни и сме подеднакво горди, но еве да ја издвојам за позначајна наградата на меѓународниот фестивал „Тодорица“ во Свети Николе во 2012 година.
За крај би сакал да кажам дека е позната народната изрека: Каков е фолклорот, таков е народот! И друга: Во Македонија немој ни да пееш, ни да играш зашто ќе те натпејат и надиграат! И навистина, да продолжиме да го негуваме фолклорот, народната традиција, зашто духот на македонскиот народ е вткаен во него!


