Сафарито на една штикла

Од уредникот

Ако некогаш сте се прашувале каде можете да доживеете вистинска авантура без да ја напуштите Македонија – имам одговор за вас: тротоарите во Гевгелија. Ова не се обични пешачки патеки. Не, ова е цела дисциплина – национален спорт. Урбана видео-игра во реален живот. Не, ова не е критика за локалните власти, тие не се виновни што во минатото не се грижеле за улиците да добијат пристојни места за пешачење. Денес навистина е научна фантастика да преуредите веќе направена улица без тротоар. Невозможно.

Но, во разговор со неколку туристи од Србија ја иницирав оваа колумна која повеќе звучи смешно отколку сериозно.

Тротоарот во Гевгелија не е само простор каде одиш од точка А до точка Б. Тоа е сцена на дневна драма: ќе поминеш? Ќе преживееш? Ќе ти останат и двете колена цели?

Прво правило на гевгелискиот тротоарски „escape room“: не очекувај тротоар. Особено не на двете страни од улицата. Можеш да почнеш на тротоар, ама нема гаранција дека ќе стигнеш до крај со истиот. Наеднаш исчезнува, како да влегол во реновација на НАРОДНА МИСТЕРИЈА (читај меѓу редови: узурпирано место кое власта ја има оној кој изградил куќа уште пред седумдесеттина години, па општината е немоќна, но не е ни можно, да се направи експропријација).

Ако си доволно среќен да најдеш цел тротоар, следи второто правило: внимавај на паркирани автомобили. Да, тие што мислиш дека се паркирани на улица – не, не, тие се на тротоар. Се чини дека во Гевгелија е сосема прифатливо „тротоар“ да значи „резервиран паркинг за секој што вози нешто што има тркала, а егото му е како возач на Формула 1“. А друга е темата пак да се паркираме пред влезот на продавницата во која „за кратко“ застануваме да пазариме нешто. Тоа „кратко“ преведете го „баш ми е гајле за прекршокот и сообраќајнитот хаос што го создавам“.

Имаме и урбана уметност: бетонски столбови на средина, дупки длабоки ко да бараат нафта, и стари шахти што се клинци за глужд. За љубителите на адреналин, тука се и тротоари со наклон што ги надминуваат и правилата на гравитацијата – ексклузивно дизајнирани за да ти го скршат рамнотежниот систем.

Да не ги заборавиме и кафулињата, кои решиле дека тротоарот е идеално место за тераса. Затоа, ако сакаш да поминеш, ќе мораш да избереш: дали да седнеш на кафе или да скокаш преку столчиња како нинџа.

Трета опција – одиш по улица, заедно со автомобилите, моторите и брзите возачи со музика од 115 децибели.

На крај, кога конечно ќе стигнеш до својата дестинација (со или без некое изместено стапало), можеш со гордост да кажеш: успеав! Одиграв едно урбано сафари, а притоа не паднав, не ме удрија, и не влегов во колумна на „Од станица до граница“.

Споделете го написот:

Поврзани Написи