Александар Македонски – името што тежи повеќе од историјата

Од Уредникот

Не сум историчар и можам да кажам дека малку знам за историјата. Не сум патриот, но премногу си ја сакам мојата татковина, мојата Македонија. Не вејам знамиња, но во длабочината на мојата душа се леат солзи за проклетството на мојата земја.

Понекогаш размислувам и се надевам сум грешен во размислувањата за постоењето на македонскиот народ од времето на Александар до денес. Генијалниот ум, симболот на моќ останува сè уште непроменет став на светската историја кога стануа збор за Александар Македонски. Но покрај славата, ми се наметнува едно прашање што тлее во колективната свест на македонскиот народ: дали сме, како народ, проколнати од сенката на неговите освојувања?

Се обидов да прочитам нешто повеќе за духовниотконтекст „проклетство“ и дали тоа се совпаѓа со народното верување во магијата, затоа што животот ми покажал дека суеверијата не постојат, но се понекогаш како невидлива сила што ги поместуваат границите на можното или нормалното живеење. На едно место бев прочитал дека кај Македонецот магијата е внатрешен психолошки и општествен модел кој се пренесува од генерација на генерација – наратив на саботажа на општественото дејствување. А тоа е можеби проклетството на мојот народ невидлива тежина што ја носиме поради славното минато.

Александар како двоен симбол

Александар Македонски создал империја што се протегала од Балканот до Индија. Тој ги обединил народите преку војна, култура и стратегија. Но, во таа експанзија, тој бил и освојувач и уништувач, менувајќи судбини, рушејќи царства, пренесувајќи култури – и, секако, оставајќи зад себе разорени градови и исчезнати идентитети. Можам да замислам колкупати бил проколнуван, колку мајки завил во црно и колку животи одзел. Оттука ми произлегува и прашањето: дали македонскиот народ ја наследил кармата на освојувачот?

Многумина за овој текст ќе ме осудат. Но текстот има крајна поинаква цел. Прочитајте до крај.

По смртта на Александар, неговата империја се распаднала. Македонија никогаш повторно не станала империја. Напротив — низ вековите, била поделувана, покорувана, негирана, асимилирана. Нашиот народ, носител на најмоќниот воен гениј во историјата, станал народ со постојан идентитетски немир, изгубен помеѓу своето славно минато и својата современа реалност.

Ова создава простор за митолошка интерпретација: Дали славата на Александар нè осудила на неможност да се движиме напред без да гледаме наназад?

Можеби не сме проколнати заради Александар — туку сме проколнати од нашето несоодветно разбирање на неговото наследство. Чинам дека погрешно го интерпретираме делото и славата на Александар. Наместо да го гледаме како пример за освојување и дека во животот треба да гледаме напред и да ја освојуваме иднината со нашите генијални идеи, (ние се навраќаме назад и повеќе внимание посветуваме на величината на Александара) можеби токму неговите дела треба да ги гледаме или преточиме како симбол на знаење, храброст и иновација – но не и патоказ за национална преокупација со минатото, чукање во гради, веење знамиња. Сето тоа што го носиме во душата, сето тоа што ни тече во крвта е токму желбата за напредок што ја имал Александар или (да прашам) дали Александар живеел за минатото или живеал за иднината? Неговата моќ и знаење ги искористил да изгради иднина и затоа можеби проклетството не е кај Александар. Тоа е кај нас — во начинот на кој и како го носиме неговото име, но не и неговата визија.

____________________

Преземено од различни извори:

 Постои ли „проклетство“ и кај други народи?

Да. Историјата е полна со цивилизации кои по врвот следела пропаст – често придружена со митови за проклетства:

  • Римската империја – поради хибрис и морално распаѓање, „Божјата казна“ во форма на варварски најезди.
  • Фараоните во Египет – познати се легендите за „Проклетството на Тутанкамон“.
  • Маите и Ацтеките – уништени на мистериозен начин, што подоцна е толкувано како казна за нивните човечки жртвоприноси.
  • Османлиската империја – славна, но на крајот ослабена од внатрешна корупција и погрешни верувања во своја недопирливост.

Сето тоа ја покажува архетипската идеја дека секоја слава има цена, а секој триумф ја носи можноста за пад.

Споделете го написот:

Поврзани Написи