Aко нè нема на масата каде што се носат одлуките, ќе бидеме на менито.

Во време кога сите се жалат дека младите се пасивни, дека не читаат, не се интересираат за политика, дека се „залепени“ за телефони, ги интересира само забава, ноќни излегувања, останува едно прашање што упорно го избегнуваме: А дали некој навистина ги слуша младите, дали нивниот глас може да стигне до надлежните институции?

Имаме Младински совет – некаде запишан во законите, формално избран, со неколку средби, некоја фотографија на Facebook и тишина. Гевгелија може да се пофали во изминатиот период со добра организираност и активност на Младинскиот совет, но во последните месеци некако се тивки, или нечујни. Што се случува, дали наидуваат на ѕидови, на формализам, на игнорирање, на состаноци што траат час и резултираат со „ќе видиме“…

Но, можеби е време да се направи нешто поинакво.
Младински совет во сенка. Да, баш така – група млади кои нема да чекаат покана, функција или дозвола, туку самите ќе си го заземат просторот. Простор за глас, мислење, иницијатива. Простор што нема да се пренесува преку записници и протоколи, туку преку поткасти, видеа, јавни дебати и присуство на терен.

ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија се обиде да започне со снимање и објавување поткасти кои главно ги водеа младите, но зошто застанаа? Одговорот можеби и не е толку силен, но е очигледен – младите вообичано се активни во период кога трае учебната година.

Но зошто алудираме на поткаст? Затоа што гласот се слуша – буквално. И затоа што преку него можеш да поставиш прашање што сите си го мислат, а никој не го кажува. Можеш да го поканиш градоначалникот да ти одговори директно, можеш да повикаш советник, раководно лице, директор, млад активист… Да бидеме реални младите не ги слушаат или гледаат седниците на Советот на општината. Во поткастот можеш да зборуваш за проблемите, за визиите на градските власти, па и да предложиш решенија.

Затоа е потребен тој Совет во сенка, не да се крене бунт туку да се активираат младите. Советот во сенка не значи анархија. Значи ангажман, идеи, притисок, креативност и – најважно – одговорност од долу нагоре. Затоа што ако нè нема на масата каде што се носат одлуките, ќе бидеме на менито.

ЗГ „Од станица до граница“ сериозно размислува за повторно активирање на поткатот како гласило за да се чуе зборот на  младиот човек, да се стават младите во функција на гласноговорници. Мора да се научиме на транспарентно работење, мора да се научиме дека и младите имаат свои ставови и дека може да зборуваат гласно. Пак ќе повторам, тоа не значи мешање во надлежности или опонирање, напротив, тоа значи будење на ставовите.

 

Споделете го написот:

Поврзани Написи