Данче Гогова
Ментор: Марија Ангова Цветковска
Дестство! Период во кој играта, смеата и радоста се или треба да бидат секојдневието. Сè е толку убаво. Детството е голем збор за малите срца.
Секое дете сака да има среќно семејство што бескрајно се грижи за него и да биде исполнето со љубов и прегратки, да биде нахрането, облечено и да живее во топол дом. Секое дете е среќно кога се враќа од училиште, да го чекаат неговите родители и да го прегрнат со љубов. Силата и среќата се токму тука.
Но, за жал, некои деца ја немаат таа среќа, принудени се да живеат на улици и за нив нема кој да се грижи. Има многу деца сместени во домови, други пак се осудени да го трпат семејното насилство, а некои се тешко болни, немаат можност да се движат или да комуницираат нормално. Сите тие се деца разделени од среќното детство, најубавиот период од животот го поминуваат секој ден во тага и солзи. Тоа многу ме растажува.
Еден ден излегов да се прошетам, со намера да одам во некоја слаткарница и да изедам еден убав колач. Влегов во првата слаткарница и си нарачав колач и лимонада. Бев свртена кон прозорецот кој гледаше на улицата. Ги гледав луѓето кои поминуваа покрај мене и наеднаш здогледав едно мало детенце кое само стои на улицата и полека почна да се доближува до излогот на таа слаткарница. Се намести на стаклото и со раширени очи ги гледаше луѓето како јадат. Се здогледав во него. Тоа беше речиси голо. Носеше искината блуза, немаше обувки, не беше измиено и се тресеше од студ.
Веднаш излегов и го прашав со кого шета по улицата, тоа ми одговори: „Јас сум сам, немам никој”. Многу се натажив. Го фатив за рака и го зедов со мене. Седнавме заедно на масата, зедов јадење и за него. Тој почна да јаде и јадеше толку брзо, за миг ја испразни чинијата, бидејќи беше многу гладно.
Се разделивме, јас си отидов дома, а тоа остана на улицата. Одејќи по улицата, си мислев колку сум јас среќна што имам семејство и луѓе кои се грижат за мене. А тоа дете ми остана во мислите и ми остави толку многу лошо чувство што не можам да го опишам. Навистина е многу жално, но, ете, вистинито.
На некои деца детството им е уништено.

Посакувам среќно детство за сите деца во светот
Лара Танова
Детството е најубавиот период од животот, време исполнето со игра, безгрижност и радост. Секое дете заслужува да расте во љубов, среќа и сигурност, без страв и тага. Но, за жал, не сите деца во светот имаат можност да уживаат во вакво детство.
Многу деца живеат во сиромаштија, без доволно храна, облека или пристојно место за живеење. Некои не можат да одат на училиште, а други се принудени да работат од мали нозе. Постојат и деца кои растат без родители или живеат во области зафатени од војни. Наместо да се грижат за домашните задачи и игрите со пријателите, тие се борат за опстанок. Ова е неправедно, бидејќи секое дете има право на среќно детство, безбедност и љубов.
Посакувам свет во кој сите деца ќе имаат можност да се образуваат, да растат во здраво опкружување и да бидат опкружени со луѓе кои ги сакаат и поддржуваат. Сите ние можеме да направиме нешто – со љубезност, грижа и помагање на оние кои имаат помалку од нас. Само така ќе создадеме подобра иднина во која секое дете ќе биде среќно.

Детството треба да биде среќно и безгрижно
Вероника Николова
Секое дете заслужува да расте со љубов, радост и безгрижност. Детството треба да биде исполнето со игри, другарства и соништа, а не со тага, глад или страв. Но за жал, многу деца низ светот живеат во сиромаштија, немаат пристап до образование или се жртви на војни и неправди.
Посакувам секое дете да има топол дом, семејство што го сака и можност да расте во мир. Сакам сите деца да имаат играчки, книги и пријатели со кои ќе го споделуваат своето детство. Ако сите луѓе се грижат повеќе за децата, светот ќе биде подобро место.
Среќното детство не е само желба, тоа треба да биде право за секое дете. Затоа, сите треба да помогнеме за секое дете да биде сакано, среќно и безгрижно.

