ФУК-ТАК – историја впишана во ѕидовите на гостилницата

Ментор: Марија Ангова Цветковска

Новинар: Теодор Чуков

Постојат места кои остануваат во сеќавање со години, места кои ќе ви ја наполнат душата и со гостопримливоста ќе ве натераат повторно да се вратите. Повеќе од 100 години во Стар Дојран постои гостилницата „ФУК-ТАК“. Разговаравме со сопственикот на оваа гостилница Митко Јанев.

Можете ли да ни се претставите и да ни кажете нешто за себе?

Јас сум Митко Јанев, управител на гостилница Фук-Так која со гордост го претставува духот на Дојран. Моето основно  образование го започнав во училиштето  ООУ ,,Кочо Рацин”  – Стар Дојран во комбинирана  паралелка, па продолжив во Нов Дојран. Својата иднина ја гледав како иден економист и се запишав во економското училиште  ,,Васил Антевск-Дрен”- Скопје, каде се стекнав со стручно економско образование, за потоа да продолжам на економски студии  на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола

Од каде е потекнува идејата за отворање на ресторанот Фук-Так?

Идејата не е дојдена од нас помладите, идејата за создавање на ресторанот е од  нашите предци. Приказната започнала од големата љубов кон готвењето и желбата да ја зачуваме традицијата на дојранската кујна. Мојот дедо сакал да  создаде  место каде што гостите ќе можат да уживаат во свежа, автентична храна, подготвена со многу љубов.

Какво значење има името Фук-Так?

За мене е сè, за некои само  звучно име,  за  други и малку невкусно име.  Вистинското значење е звукот на локомотивата. Во далечната 1884 год. нашите предци биле сведоци на  настан на пуштање на првата пруга, Солун-Цариград. Кога отишле да видат што ќе помине, тие виделе парна локомотива и во сеќавање им останало само звукот фук-так, фук-так, фук-так. Кога се вратиле назад и ги прашале дома што виделе, тие не знаеле да кажат дека тоа се вика локомотива, па на прашањето што виделе одговориле со ,,фук-так”. Најпрво на овој  одговор гледале со подсмев во фамилијата, за подоцна да им остане како прекар на цело семејство. Кога се отворала кафеаната немале потреба за да мислат име, бидејќи веќе биле познати само по тоа име: ,,Фук-Так”.

Кога и како започна вашата приказна со кафеаната?

-Мојата приказна со кафаната започнува од моето раѓање, од кога памтам за себе. Се сеќавам од мал  седев  во комбето и одев по набавки на стока со мојот татко, до запознавање со секој дел на работењето од хигиеничар, помошник, келнер, готвач… за да станам управител во 2013 година и започнам со раководните позиции. Со огромна почит и искрена благодарност му се обраќам на мојот татко, кој често ја користеше фразата „Работата го краси човекот“, вака растејќи и слушајќи ја секојдневно оваа фраза, сфатив дека  преку работата, човекот не само што создава нешто корисно, туку и го гради својот карактер, достоинство и местото  во заедницата.  Ми  покажа дека работливоста се смета за доблест, која ја истакнува личната вредност и придонесува кон личниот развој и благосостојбата на општеството. Без разлика дали е тоа физичка, креативна или интелектуална работа, токму вложениот труд го дефинира успехот и ја зголемува самодовербата и почитта кон себеси и од другите.

Дали кафеаната од секогаш ја имаше истата концепција или се менуваше низ годините?

Нормално дека се менунала со текот на  годините. Започнала како  напојница за коњи, па како  ,,Ан”, потоа да стане гостилница. А сега, чекор по чекор, ние, помладите, да го менуваме концептот во помодерен ресторан.

Што ја прави „Фук-Так“ посебна и различна од другите кафани во регионот?

Историјата која е впишана на самите ѕидови,  прекрасната услуга и вкусната храна.

Дали имате некои специјалитети кои се осебено омилени кај гостите?

Најпримамливи се традиционалните дојрански специјалитети, многу од нив денеска  надополнети со  модерна кујна и нормално оние кои се уникатни и можат да ги вкусат само кај нас.

Каква е атмосферата која се трудите да ја создадете за вашите посетители?

Ние се трудиме да создадеме пријатна  и топла атмосфера во ,,Фук-Так”. Сакам да ја зачувам традицијата и да ја спојам со модерното време. Секој залак од нашите специјалитети  да  носи приказна и сеќавање на убавите мигови поминати во „Фук-Так“.  Сакам да биде  место каде што срцата се полнат со радост, а душите со моменти кои ќе се паметат.

Како „Фук-Так“ придонесува за локалната заедница?

„Фук-Так“ како ресторан, угостителски објект и капацитети за сместување придонесува на тој начин што вработува од 30 до 50 луѓе, сите се локални жители од Дојран и околкните населени места. Придонесуваме и на тој начин што главни суровини користиме од нашиот регион.  

Кои се најчести гости на „Фук-Так“ – локалните жители или туристите?

Дојран е мало место и сами знаете дека во главно 90% од гостите се туристи. Туристи кои се на пат покрај Дојран, туристи кои го посетуваат во летниот период, но и луѓе кои транзитираат околу Дојран секако дека сме посетени  доста од  околните населени места, градови. Не можам да бидам скромен, а да не кажам дека имаме гости скоро од цела Македонија како и од Балканот, кои доаѓаат со една цел, покрај убавините на Дојран  да пробаат дел од нашите специјалитети.

 Кое е Вашето мото?

,,Секогаш може подобро.”  – тоа е нашето мото,

Дали имате некој интерсни случки со посетителите?

Секако! Во „Фук-Так“ има многу убави моменти кои остануваат како драги спомени, бидејќи токму тука се одвиваат најразлични прослави – од склучување бракови, крштевки и родендени, до забави кои ја исполнуваат атмосферата со радост и смеење. Но, мора да кажам дека се има случено и еден среќен развод, со вистинска веселба. Секој настан е посебна приказна која ја споделуваме со нашите посетители, претворајќи го секој миг во незаборавно искуство.

Кои се најголемите предизвици со кои се соучувате како сопсвеник на ресторанот?

Најголемите предизвици во моментов, па може да кажам и во цел угостителски сектор во Дојран е недостаток на стручен кадар. Тоа е главниот предизвик, другиот предизвик е набавка на суровини квалитетни кои ги имаме само  во Дојран, со растот на работа и силниот замав на туризмот во Дојран последните години, сè потешко станува да се обезбедат  доволни количини на суровини.

Како се справутате со сезонските промени, особено во туристички град како Дојран?

Справувањето со сезонските промени во туристички град како Дојран е вистински предизвик, но и можност за креативност и приспособливост. Во „Фук-Так“, со текот на годините, изградивме стратегии за да го задржиме квалитетот на услугата и да го привлечеме вниманието на посетителите, без разлика на сезоната.

 Што е потребно за да се одржува еден успешен угосителски бизнис?

Квалитет, многу работа, посветеност и секогаш најдобар тим. Одржувањето на баланс помеѓу сите овие аспекти е вистинскиот рецепт за долгорочен успех.

Што најмногу Ве мотивира да продолжете да го водите „Фук-Так“?

На почетокот ме мотивираше традицијата, но како растеме ме мотивираат цел оној број вработени и задоволните клиенти.

Што би сакале луѓето да запаметат за „Фук-Так“?

Сите убави моменти што сме ги поминале заедно.

Што би им порачале на оние кои сè уште не го посетиле „Фук-Так“?

Доаѓањето во Фук-Так е повеќе од обичен оброк – тоа е искуство што ќе го паметите! Ви нудиме свежа, автентична храна приготвена со многу љубов и грижа, топла гостопримливост и уникатна атмосфера покрај прекрасниот Дојран. Без разлика дали сте тука за романтична вечера, семејна прослава или едноставно да го вкусите најдоброто што Дојран може да го понуди „Фук-Так“ е вистинското место за вас. Ве очекуваме со отворени раце и насмевки! Со секое ваше доаѓање, ја продолжувате нашата приказна и нè инспирирате да бидеме уште подобри. Ве очекуваме!

Каква порака имате да им упатите на младите?

Сонувајте големи соништа, но запомнете дека тие се остваруваат со упорна работа, трпение и страст. Не плашете се од предизвици – тие се шанса да растете и да станете подобра верзија од себеси. Почитувајте ги корените и традицијата, но не заборавајте да ги следите своите инстинкти и да бидете иновативни.

Бидете храбри, отворени за учење и секогаш чесни во тоа што го правите. Вистинскиот успех не се мери само со материјални работи, туку со вашата способност да оставите позитивен отпечаток во животите на другите.

Верувајте во себе, бидете упорни и никогаш не се откажувајте!

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.

Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПММедиацентар од СараевоАлбанскиот медиумски институтЦрногорскиот медиумски институтСоветот за етика во медиумите на КосовоМакедонскиот институт за медиумиНовосадската школа за новинарствоМировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Споделете го написот:

Поврзани Написи