Легенда за Дојранското Езеро

Нина Стојанова  

Ментор: Марија Ангова Цветковска

Надвор, студот ја обојуваше природата во сиво и бело, а снегот тивко паѓаше, покривајќи ги патеките како меко ќебе. Внатре, топлината од камината го исполнуваше секој агол од собата, ширејќи чувство на спокој и мир.

Седев покрај каминот со дедо ми, обвиен во неговата безвремена мудрост. Во неговите раце имаше стара, пожолтена книга што мирисаше на историја, а во неговиот глас се слушаше искуство. Додека зборуваше, пламените јазици танцуваа и ја осветлуваа неговата насмевка, носејќи приказни од времиња што јас не ги знаев, но кои тој ги носеше како богатство во своето срце.

„Знаеш Нина,“ рече дедо Никола, гледајќи во огнот, „Секоја зима носи свои предизвици, но и свои убавини. Секој снег што паѓа, ја чисти душата, како што огнот ја загрева. А сега дедо ќе ти ја раскаже легендата за  Дојранското езеро.“

,,Природно, убаво езеро. И таткото на историјата го спомнувал, поради богатството со риби и начинот на рибарење. Го опишуваат и туѓинските војсководачи. При освојувањето на Балканот, турските војски на чело со Евренос Беј (Бег) го преминале заледено од источната до западната страна. Кога стасале на брегот, од мештаните дознале дека поминале преку заледено “Поле”. Од голема радост приредиле голема гозба-Дујурма, по што го добило името Дојран.

А за Езерото, легендата вели дека настанало поради “непаметната” убава девојка Дојрана. Под Беласица се наоѓала голема сува вдлабнатина, под голема карпа чешма со многу вода. Од чешмата многу девојки полнеле вода, меѓу нив и Дојрана. Другите девојки ги наполниле стомните и си отишле. Дојрана намерно останала најпоследна, за да го дочека саканиот Лабин. Од голема брзина и возбуда заборавила да ја затвори чешмата. Дојрана отишла кај Лабин а чешмата ја наполнила вдлабнатината под Беласица и така настанало Дојранското Езеро.”

Слушав, впивајќи ги неговите зборови, кои беа како мелодија за срцето. Чајот што го држев во рацете се пареше, но топлината што ја чувствував беше повеќе од тоа. Тоа беше љубовта и врската со човекот кој со години стоеше цврсто покрај мене, како столб на мудрост и сила.

Тоа утро беше едноставно, но исполнето со богатство. Ладното зимско утро надвор беше само декор за топлината на моментот што ќе го носам со себе засекогаш.

                                                                                                                                    

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПММедиацентар од СараевоАлбанскиот медиумски институтЦрногорскиот медиумски институтСоветот за етика во медиумите на КосовоМакедонскиот институт за медиумиНовосадската школа за новинарствоМировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Споделете го написот:

Поврзани Написи