Во ООУ „Кочо Рацин“ во Нов Дојран се одржа втората работилница од проектот „Моја приказна – мој медиум“ на ЗГ „Од станица до граница“.
На работилницата присуствуваа ученици од повеќе одделенија од Училиштето, а првата задача што ја имаа беше формирање на медиумски клуб кој во иднина ќе има задача да работи на создавање новинарски написи што ќе бидат објавувани на веб-портали или социјалните мрежи. Според предлозите на учениците медиумскиот клуб ќе го носи името „Мандра“, име препознатливо за дојранчани, но и за туристите кои особено ги почитуваат традиционалните вредности на ова поднебје.
Координаторот на проектот, Тони Аврамов, пред членовите на клубот ги презентираше насоките и целите на проектот, а како успешна приказна за добро работење на млади новинари го посочи примерот за работењето на Медиумскиот клуб „Јоска“ при СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија. Уредникот на „Јоска“, Ѓорги Новаковски, имаше задача да ја објасни улогата и значењето на денешното создавање информативни написи, но и да ги пренесе своите искуства од работењето и ангажманите во „Јоска“.
На крајот учениците самостојно имаа можност да направат неколку обиди, односно вежби, самите да креираат и напишат новинарски текст.
Проектот „Моја приказна – мој медиум“ на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија се реализира преку регионалниот проект „Нашите медиуми“ финансиран од Европската комисија.

Овoј пост е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

