Ментор: Maрија Ангова Цветковска
Новинар: Данче Гогова
Селото Николич, како и многу други рурални места, низ годините доживеало значајни промени кои го обликувале неговиот идентитет и начинот на живот. Денес живееме во свет во кој големо значење има технологијата и интернетот, свет во кој се ни е достапно. Растеме во овој свет без да размислиме за времето кое одамна поминало, а во тоа време растеле и живееле нашите предци. Ми падна на ум и почнав да се распрашувам за тоа минато време. Каков ли бил животот некогаш?

Одговорот што го добив беше: „Животот беше физички многу тежок, но во исто време и многу убав за духовноста на луѓето!” Според тоа што ми раскажуваа постарите, сфатив дека тие биле среќни во своето време, иако ја немале технологијата и интернетот.Тие имале дружење што ги исполнувало, па колку и да била напорна и тешка работата што ја работеле. Работеле заедно, си помагале, се почитувале, а тоа денес речиси и го нема. Живееле во мали куќи, изградени од камен, кал и дрво. Немале автомобили и трактори, туку како превозно средство им служеле запрежните коли кои ги влечеле домашните животни, што самите си ги чувале. Денес тие коли се во многу мал број или речиси ги нема. За да опстанат, луѓето тогаш морале сами да произведат храна. Па затоа сите се занимавале со земјоделство и сточарство. Станувале многу рано и уште во зори биле на нива, за да ги завршат своите работи. Стоката ја чувале и одгледувале со големо задоволство и таа им била мотивација за побогат живот. Тогаш и патиштата биле многу лоши. Тие биле тесни и непоплочени, но сепак тоа не им било пречка за да работат. Кога се враќале од нивите се собирале на трпезата подготвена од домашни, природни и вкусни јадења. Многу чести биле и седенките кои ги правеле, исполнети со убави разговори и смеа. А сето тоа се одвивало без струја, светлината о собите им била од „ламби од газје“. За нив религиозните празници и традиционалните обичаи биле поврзани со културните настани. А централно место за децата било училиштето и секако селските полјанки.

Денес, има голем број промени во селото Николич. Најбитно од се има современа електрична мрежа и асфалтирани и широки патишта. Изградени се повеќе локалитети како што се продавници, гостилници, модерно игралиште, исто така и убава црква со голем двор, која во минатото не постоела. Во Николич денес има голема индустриска фабрика каде што работат луѓе од повеќе општини и таа придонесува да си ги зголемат приходите. Изграден е и манастирот св. Петка, на чија што слава доаѓа многу народ од повеќе населени места, па така сè уште може да се почувствува духот на дружељубивост. Посебна убавина на селото Николич му дава и сјајот на езерото кое е вистинско огледало и рај за очите.
Во Николич денес се изградени многу убави куќи, а неговата прекрасна местоположба привлекува и многу туристи кои често го посетуваат. Многу од нив си изградија и викендици и така слободното време го поминуваат тука, уживајќи во свежиот воздух и природата која ја нуди нашето село.

Исто така во Николич сè уште е пристутно и земјоделството. Земјоделските работи денес се изведуваат со многу современа механизација, така што луѓето работат на полесен начин. Сточарството е речиси исчезнато, го има во многу мал број.
И покрај сите промени Николич го задржал духот на гостопримство, карактеристично на селскиот начин. Тоа е село со гостопримлив народ каде што вратите се отворени за секого.
Животот во Николич е огледало на трансформациите низ кои поминуваат македонските села-борба помеѓу традицијата и модернизацијата, но и сведоштво за упорноста на луѓето кои се борат да го зачуваат својот традиционален начин на живот.


Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

