ПАТЕКА НА ЈУЖНИТЕ ВКУСОВИ

Долги години, повеќе од 18, ЗГ „ТеРа“ од Гевгелија ја организираше манифестацијата „Смоквијада“. Целта на оваа манифестација беше да се создаде бренд на Гевгелија по која таа ќе биде позната. Но се случија промени, се случија луѓе кои најверојатно од нивни познати причини не им беше добредојден еден таков фестивал. Неколку години подоцна „Смоквијада се обнови, но не во таков сјај во каков што го имаше.

Во оваа колумна зборувам за автентиката на поднебјето, за потребата да им се претставиме на туристите со своите посебности и природни реткости.  Има ли овој град потенцијал да направи една еколошка патека во која ќе си го прпознае сопствениот природен идентитет?

Предлогот гласи вака:  еколошка пешачка патека од Мрзенци до Негорски Бањи или  повик до локалната заедница да го оживее она што веќе постои – сончевото поднебје, богатото културно наследство, и уникатните локални производи.

Како би изгледала оваа патека?

Патеката да биде поплочена со природен камен, удобно проодна за пешаци и велосипедисти, а долж неа да се засадени смокви, калинки, дуњи, лозја и дрвја чија сенка ќе нуди природен засолниште од жешкото гевгелиско сонце. На неколку метри покрај патот, да мирисаат рузмарин и лаванда, билки кои не само што украсуваат, туку и лекуваат. Секое растение да има табла со име на македонски и англиски, со објаснување за неговата употреба и значење. Така, еден турист од Холандија ќе може да дознае дека смоквата не е само овошје, туку и симбол на гостопримство.

На секои 500 метри да има дрвени клупи за одмор, некаде под сенки, а патеката да биде осветлена со соларни светилки, што ќе покажат дека оваа патека не се раководи само од минатото – туку и од иднината.

Штандови со душа

На одредени точки да има мали штандови со домашни производи – не комерцијални, туку автентични. Домашна ракија, вино од смедеревка, тегличка со планински мед, или сушена лаванда со рачно везен натпис „Добредојде“. Штандовите ќе бидат законски регулирани, поддржани од локалната самоуправа, со јасни критериуми за квалитет и изглед, или евентуално во одредени денови да се организира пазар на органски производи.

Место за почеток и крај – но не и за крај на приказната

Патеката би започнувала од Мрзенци, каде ќе има инфо-табла и евентуално мал инфо-центар, а ќе завршува во Негорски Бањи, каде што туристот може да продолжи со придобивките на бањските благодети. На целата рута може да се вклучи и аудио-водич преку мобилна апликација со QR-кодови, или мапа со природни рамки за фотографирање – „Поздрав од Гевгелија“ ќе стои како спомен и таг на секоја слика.

Ова не е проект од луксуз. Ова е инвестиција во нашата автентичност. Во време кога светот бара искуства, а не сувенири, Гевгелија може да понуди токму тоа – патека што не води само од точка А до точка Б, туку не носи во време, мирис, и вкус.

Ако сакаме туристите да го запомнат ова место, нека биде по тоа што овде пробале најдобриот мед, го мирисале најсвежиот рузмарин и седеле под сенката на смоквите и калинките.  А ако сакаме младите да останат тука, нека видат дека иднината може да се гради токму со она што веќе го имаме – само ако знаеме како да го оживееме.

Споделете го написот:

Поврзани Написи