Сончевата врата на Македонија е без зелени паркови

Автор: Уредникот на страницата

Гевгелија, синоним за пријатна клима, топли и срдечни луѓе и убава природа… Гевгелија денес сè повеќе се претвора во бетонска слика што брзо ги губи зелените тонови. Градот расте, зградите се множат, но зелените површини се реткост или подобро кажано се луксуз.

Недостигот на паркови, дрвореди и уредени јавни простори се чувствува во секое маало, во секоја улица. Летата стануваат сè пожешки, воздухот тежи, како да нè гуши, а дебелите сенки кои беа познати од минатото се веќе историја. Постоечките зелени површини – како Градскиот парк или неколкуте зелени „џебови“ – не се доволни ни за тековната популација, а не пак за идниот раст на градот.

Урбанизацијата во Гевгелија се движи побрзо отколку што може природата да издржи. Се сечат стари дрвја без конкретен план за нови. Просторот што би можел да стане мини-парк или детско игралиште, се претвора во паркинг. Урбаното планирање сè уште не ја става екологијата во фокусот.

ВРЕМЕ Е ЗА АЛАРМ!

Но, решенија има – и тие не се научна фантастика. Еве неколку предлога:

🔹 Стратешко пошумување и садење урбана вегетација – не само на периферијата, туку и во централните градски подрачја. Дрворедите долж улиците не се само украс – тие се заштита од топлина, загадување и бучава, тие се бели дробови на урбаната средина.

🔹 Инвестирање во паркови и мини-зелени површини во секое маало. Урбаната средина може и мора да дише.

🔹 Јавна партиципација – граѓаните треба да бидат дел од одлуките за урбаното уредување. Преку совети, анкети, граѓански иницијативи. Нема подобар чувар на зелена површина од оној што живее покрај неа.

🔹 Зелени кровови и фасади – во град каде што просторот е ограничен, вертикалното зеленило е иднина и не треба кон овие решенија да бидеме скептици, напротив мора да ги следиме современите светски стандарди за доброто на сите.

Зелените површини не се луксуз, туку потреба. Тие не се само убавина за окото, туку услов за здрав живот. Ако сакаме Гевгелија да остане „сончевата врата на Македонија“, мораме да се погрижиме да не биде врата што води кон бетонска пустелија.

Време е Гевгелија да порасне – но да порасне во зелено.

Споделете го написот:

Поврзани Написи