Od Urednikot
Во Гевгелија, а воопшто и во другите градови, дел од куќите со историско наследство или прогласени за споменици на културата се одговорност не само на државата туку и на сопствениците што ги поседуваат. Законот за заштита на културното наследство предвидува дека приватните сопственици треба да овозможат пристап за научни/културни истражувања, а понекогаш и јавен пристап. Исто така законот нуди можност за делумно надоместување од Министерството за дел од трошоците за одржување. Значи, според Член 117 и 110 од Законот за заштита на културното наследство сопствениците на недвижни културни добра имаат законска обврска да се грижат за нивното одржување, но Членот 110. Точка 3. гласи „Одобрување на финансиски средства и друга помош на товор на Буџетот на Република Македонија“ не предвидува конкретно со колку може да учествува државата и затоа многу често приватните сопственици не се сигурни во покренување постапка за овие објекти и нивна реставрација. Иако кај некои објекти државата учествувала и до 70% од реставрацијата на објектот ако е во приватна сопственост.
Започнувањето со реставрација на објект што е заштитен како културно наследство во Македонија е строго утвредено. Сопственикот на објектот е должен да утврди дали објектот е впишан во Регистарот на културни добра или е под режим на претходна заштита. Со поднесување барање за реставрација, во кое се наведуваат намерата, состојбата на објектот и основните податоци, реставрацијата не може да започне без изработен конзерваторски проект, кој мора да биде подготвен од овластено лице или институција. Проектот содржи детални насоки за интервенција, со примена на автентични материјали и техники, во согласност со културно-историската вредност на објектот, односно не треба да се менува неговиот оригинален првичен изглед.
Откако проектот ќе биде подготвен, се доставува на стручна рецензија и одобрување од Управата за заштита на културното наследство. Без ова одобрение, никакви градежни или конзерваторски зафати не се дозволени. Затоа мора и да се појасни дека речиси поголемиот дел од архитектонските кулурни споменици во Гевгелија не се реставрирани. Поголемиот дел се на приватни сопственици, но истите не смеат, на своја рака, да вршат интервнеции на објектите, односно мораат да ги поминат овие процедури.
По добивање на одобрение, сопственикот може да започне со работите, при што институциите можат да назначат стручен надзор кој ќе го следи процесот. По завршување на интервенциите, се поднесува извештај за извршените работи, а по потреба се врши технички прием.
Важно е да се напомене дека, иако приватен, објектот со статус на културно наследство е предмет на јавен интерес. Освен нашето Министерство може да се бараат средства и од други фондови, посебно Европската Унија, посебно ако објектите се однесуваат на заштита на културното наследство, обновлив туризам и локален развој. Европската Унија поддржува иницијативи што придонесуваат за зачувување на културното и историското богатство, зајакнување на локалната економија, како и за развој на иновативни и одржливи пристапи во управувањето со културните ресурси.

