Насловната фотографија е дело на ВИ како можен изглед на градот Гортинија
Од Уредникот
Гевгелија отсекогаш важела за една од позначајните транзитна точка во Македонија. Многу е јасно зошто – близината со Грција, и автопатот Е-75.
Гевгелија е град со душа, со традиција, со географска позиција што ја претвора во порта меѓу Северот и Југот. И секој патник намерник ако добро се загледа при минување на автопатот после „клучката“ ќе го забележи Вардарски Рид. Не сум сигурен (да не грешам душа) ама долж автопатот ретко ќе забележите рекламно пано или патоказ кој ќе ви укаже дека овде се наоѓа едно од ретките археолошки наоѓалишта во овој регион – Гортинија. Можеби грешам, но значајно е да се рекламира археолошкото богатство, затоа што тоа може да биде уште една важна туристичка атракција.
Се сеќавам од минатите времиња дека денешен Телеком се зазеде да го реновира и направи кампања за овој локалитет, а уште повеќе се сеќавам дека почитуваниот професор Бранко Бизоев со своите ученици го мапираше просторот со туристичко-информативни табли кои навистина беа добар начин да дознаете, но и прошетате по наоѓалиштето. За жал денес таблите постојат, но се избледени и нечитливи. Многу е важно кога некој создава и твори за доброто на заедницата надлежните треба да се грижат за одржливоста. Но кај нас со многу работи е така.
Под земјата на Вардарски Рид се крие историја што трае повеќе од 2.500 години – градска структура, керамика, монети, и траги од култури што се менувале, но секогаш оставале печат. Археолозите со ентузијазам го истражуваа просторот, а локалната јавност со надеж гледаше кон можноста Гевгелија да добие туристичка дестинација од светски ранг.
Но денес, Вардарски Рид тоне во тишина. Нема туристи, има инфо-табли делумно уништени и нечитливи, нема живот. Местото кое може да стане жива лекција по историја, атракција за љубителите на културата и древната цивилизација, останува недостапно, како да е чувана тајна наместо градски гордост.
Секоја средина со античка населба гради идентитет и економија врз неа. Во близина ни се Стоби, Хераклеја или Скупи. Таму туристите доаѓаат да видат, да научат, да доживеат. Зошто тоа да не биде и Гевгелија?
Имаме ли предлози за нешто да се стори за да заживее Вардарски Рид?
Секако дека има. Овој локалитет е под закрилна на Националната установа Музеј – Гевгелија и вработените се трудат да направат сè за негово заживување, но колку и дали имаат средства за тоа. Ние може само да дебатираме, а нивната желба да тоне.
Сепак еве неколку насоки:
✅ Реактивирање на археолошките истражувања – со поддршка од државата, научните институции и меѓународни партнери;
✅ Инфраструктура и пристапност – патеки (веќе постојат), сигнализација, информативни табли или едукативен центар. Па дури може и табли со QR – кодови кои денес се многу популарни, а секој од нас има смарт-телефони;
✅ Промоција и интеграција во туристичката понуда – Вардарски Рид да стане дел од мапата за културен туризам, заедно со чаршијата, бањата и локалната гастрономија.
✅ Вклучување на локалната заедница – преку водичи, сувенири и културни настани. Во градот веќе имаме признати и познати уметници кои се занимаваат со изработка на керамички сувенири, имаме манифестации кои немаат простор или алтернатива за одржување, а овој простор е идеален за таква намена.
Гевгелија не треба да биде град што раскажува приказна – и тоа преку Вардарски Рид, тој треба да биде град кој ќе оживее едно време, ќе оживее легенди, ќе оживее историја, оти историјата не се создава, таа се чува, се раскажува и се пренесува. А Вардарски Рид е жив доказ дека под површината на овој модерен град се крие еден антички свет што сè уште чека да биде слушнат.

