Викторија Тодорова
Интервју со професорката Даниела Џишева – раководител на театарската група „Дон Кихот“
Што беше пресудниот момент или мотив што ве наведе пред 30 години да ја основате драмската група „Дон Кихот“?
Љубов, потреба и желба! Љубовта кон театарот која се роди во најмладите години кога бев дел од драмската група при Пионерскиот дом; потребата Гевгелија да има свој театарски живот и желбата да ги оживувам драмските текстови на сцена. За време на моите студии во Скопје бев редовен посетител на театарски претстави и воопшто културни настани кои навистина ги имаше во изобилство. Кога се вратив во Гевгелија наидов на културна празнина, театарот како објект постоеше, но завесата во градот со години не се креваше, тишината беше прегласна. Мојот пркос кон таквата состојба во градот започна со еден текст ,,Theatre – ironia est“ кој го напишав за независниот гевгелиски месечник ,,ДЕ БЛОК“ , чија цел беше деблокирање на актуелните настани. Во меѓувреме ја формирав драмската група ,,Дон Кихот“, која еве веќе 30 години е дел од речиси сите културни слуќувања во Гевгелија.
Кога погледнете наназад, која претстава ја сметате за пресвртница во развојот на групата и зошто?
Секоја претстава е запис во колективната меморија на градот. Мене лично сите ми се драги затоа што се дел од мене, дел од од мојот свет, од мојот живот. Можеби би ја издвоила првата претстава ,,Викај ме и грне само немој да ме скршиш“, не како пресвртница ами како најважна, затоа што во неа се собрани ноќи без сон, сомнежи што се криеја зад сигурен глас, проби што почнуваа со страв, но и со силна верба дека ќе успееме. И успеавме. Првиот аплауз траеше долго. Првиот аплауз беше крштевка на драмската група ,,Дон Кихот“.
Во што најмногу се разликуваат денешните ученици-актери од оние од пред три децении?
Јас би рекла дека не се разликуваат. Тоа се пред сè деца кои ги поврзуваат исти нешта: желбата да се глуми на сцена, немирот пред претстава, начинот на кој грешките ги претвораат во шега, а тремата во енергија, индивидуалниот влог за заеднички успех, заедничката радост по претстава, натпреварувачкиот дух и најпосле сплотеноста која од нив прави едно семејство.
Кој е најголемиот предизвик кога се работи со младинци во театарски процес, и како успевате да го претворите тој предизвик во сила?
Најголем предизвик е да научат дека театарот е игра, но игра што бара работа и дисциплина. Исто како и во спортот. Исто како и во животот. Предизвик исто така е преку театарските ролји да успеат да извлекуваат поуки за животот, да се учат на искреност, емпатија и позитивни вредности. Предизвикот се претвора во сила кога ќе застанат на сцена, кога дишат во ист ритам, кога се напуштаат себе си и стануваат други, кога имаат моќ со збор, со поглед, да допрат до нечие срце, да променат нечиј живот. Тогаш нивната мисија е остварена.

Постоела ли претстава чија подготовка ви била особено тешка, но резултатот на крај бил исклучително успешен?
Претставата Déjà vu, особено сценската поставеност која вклучуваше тежок параван што се спушта, димна машина, дијалог со снимени гласови. Сепак на крај излезе вистинско доживување за публиката. Претстава за која долго се зборуваше.
Како се одлучувате кои текстови и автори да ги поставите на сцена со драмската група?
За тоа кој драмски текст ќе биде поставен на сцена разговарам со членовите на драмската група, некогаш јас им предлагам, тие избираат, некогаш тие предлагаат. Ама знам дека сите сакаат комедија.
Што најмногу ве трогнува или ви дава сила да продолжите да работите со младите и по 30 години?
Кога гледам со каква желба доаѓаат на проба, со каква посветеност ги подготвуваат улогите, со каква страст ги глумат ликовите, кога ја чувствувам нивната радост и среќа по изведена претстава и она неуморното – ,,Кога ќе почнеме со нова претстава?“, тогаш знам дека драмската група ,,Дон Кихот“ и по 30 години е приказна што треба да трае.
Можете ли да издвоите момент од проба или настап кој никогаш нема да го заборавите?
Има многу такви настани, но еден на кој постојано се навраќам и се смеам е оној кога ја изведувавме оперетката ,,Срешта“ на натпревар за најдобра театарска претстава во Албена, Р Бугарија. На нашиот ученик кој го толкуваше ликот на Цветко му падна долниот дел од носијата – ѕиврите и тој како ништо да не се случило продолжи да си ја игра улогата без нив, но за да биде ,,трагедијата“ поголема тој требаше да игра, а ѕиврите паднати над опинците му ја отежнуваа и оневозможуваа играта – и сето тоа изгледаше смешно и симпатично.

Според вас, што е најважното што учениците го учат во драмската група, а не може да се научи во училница?
Она што учениците го учат во драмската група, а не секогаш во училница е:
а. емпатија и разбирање на другиот – во претставите учениците влегуваат во туѓи чевли, гледаат со други очи, зборуваат со друг глас, учат да разбираат мотиви и чувства;
б. решавање проблеми во моментот – на сцена се забораваат реплики, фалат реквизити и сл, учениците учат брзо да реагираат и да најдат решение под притисок;
в. тимска работа и доверба – учат да се слушаат, да се поддржуваат, да се надополнуваат, да бидат дел од целината;
г. смелост, сомодоверба – се соочуваат со стравот, учат да ја победат тремата, ја спознаваат сопствената вредност.
Каква иднина ја гледате за „Дон Кихот“ и што би сакале да оставите како трајно наследство за следните генерации?
Драмската група ,,Дон Кихот“ со својата триесет години неуморна работа го задолжи овој град да го чува и почитува театарскиот живот. Она што останува зад нас се многу театарски претстави, аплаузи, фотографии, меѓународни и државни награди, гостувања, спомени, долгогодишни пријателства. Сето ова треба да најде свој дом во Монографија за триесетгодишната работа на драмската група како траен спомен за идните генерации. Сметам дека е мошне важна за градот, затоа што таа книга ќе сведочи за театарскиот живот во Гевгелија, но и како чин на почит кон сите оние коишто дошле, играле, верувале и си заминале. Важна е не за да го славиме минатото, туку за да не го изгубиме.











