ПОМЕЃУ СВЕТОВИ НА КУЛТУРИ, ПРИЈАТЕЛСТВА И НОВИ ХОРИЗОНТИ: ЖИВОТОТ ВО ДЕТСКОТО СЕЛО ПЕСТАЛОЦИ

АНДРЕЈ ДИМОВ

Во периодот од 03 до 17 февруари имавме можност да бидеме дел од еден уникатен меѓународен проект во детското село Песталоци, Троген, Швајцарија, кој обедини ученици од повеќе училишта и различни култури. Од нашето училиште учествуваваа Андреј Димов, Благоја Атанасов, Јана Димитрова, Костадин Узунов, Ангела Дуганова, Катерина Јовановска, Софија Мицева и Јована Дупарова, заедно со ученици од уште четири училишта – од Свети Николе Гостивар и две училишта од Прилеп.

Детското село, место со богата историја, изградено по Втората светска војна со цел да прима деца од различни земји, меѓу кои и од Македонија. Таму децата не само што живееле, туку и самостојно работеле и учеле, создавајќи заедница базирана на одговорност и соработка. Денес, ова место ја продолжува својата мисија преку организирање на вакви проекти, овозможувајќи им на младите да стекнат нови знаења, искуства и пријателства.

СМЕСТУВАЊЕ, ОБВРСКИ, ПРИЈАТЕЛСТВА

Едното училиште од Прилеп и Гостивар беа сместени во една куќа, а нашето, заедно со светиниколското и другото училиште од Прилеп, бевме сместени во куќата со име Алба, или како што ние ја нарекувавме – нашата осмица. Во текот на првите денови градевме пријателство, разбирање и почит. Тргнавме со различни очекувања, но се вративме со променети мислења.Запознавме многу личности и изградивме неверојатни пријателства.

       Секој од нас беше поделен во четири групи, а секоја група имаше своја задача за одредениот ден поврзана со куќните обврски. Едната група миеше садови, другата го земаше јадењето и го фрлаше ѓубрето, додека останатите две групи беа задолжени за бришење на подовите и чистење на тоалетите. Практично, сите обврски ги извршувавме сами. Изгледа неверојатно 24 деца кои живеат во една куќа да бидат толку координирани и организирани, но ние го покажавме спротивното.Но, кујната не ја користевме само за миење садови, туку и за заеднички вечери – подготвувавме пица, палачинки и различни колачи, и едноставно уживавме. Секоја минута од слободното време ја користевме максимално. Најчесто времето го минувавме играјќи карти, вклучувајќи се во различни дебати и друштвени разговори.

Имаше мигови кога знаевме и да се скараме, но преку разговор секогаш брзо ги решававме недоразбирањата – сосема нормално кога живееш во куќа полна со различни карактери и размислувања.

Омилено ни беше навечер да се спуштаме во подрумот, во нашата „тајна“ просторија, каде што уживавме да се смееме гласно и да играме на нашето мало фудбалче. Куќата беше исполнета со искреност, забава и смеа, а тоа го потврдуваше крцкањето на дрвените даски – не само во раните, туку и во доцните часови. Наизглед мала, а всушност огромна куќа, која нè сплоти во едно незаборавно семејство.

УЧЕЊЕ И НАСТАВА

Наставата која ја имавме не беше класична 45-минутна, затворена меѓу четири ѕида. Најпрво, рано наутро во 9 часот, одевме во спортската сала каде имавме различни активности. Бевме сите учесници во проектот, вклучувајќи ги и учениците од Полска.

Игравме игри за запознавање, учевме различни поздрави од различни региони, игравме „бинго“ – запознај го другиот преку лични прашања. Целта беше да излеземе од комфор зоната и активно да учествуваме заедно со учениците од Полска. Имаше денови кога утрото ни започнуваше со јога – тоа беше само почеток и загревање за наставата која следуваше.

Наставата се одвиваше во две групи, при што во секоја група имаше мешавина од македонски и полски ученици. Секоја група градеше своја приказна. Најтешко ни беше да си ги запомниме имињата, но со текот на времето и тоа го совладавме. Наставата ја водеа прекрасни ментори, специјално обучени за ваков тип на работа. Игравме интерактивни игри, учествувавме во дебати и работевме на различни проекти.

Во текот на проектот обработувавме неколку теми. Една од нив беше идентитетот. Дел од вежбите беа насочени кон тоа да го откриеме сопствениот идентитет преку прашања кои си ги поставувавме меѓусебно.

Друга тема беа стереотипите и дискриминацијата. На грбот на секој од нас имаше залепено одреден карактер кој често е мета на стереотипи (жена, Ром, крадец, сиромашен), а другите пишуваа позитивни и негативни коментари.

Практикувавме и вежби за тимска работа – заедно да најдеме решение за зададени проблеми. Исто така, медитиравме, цртавме и со лего коцки создававме кратки филмови поврзани со темите идентитет, дискриминација и стереотипи. Имавме можност да се запознаеме и со сајбер-насилството и да учествуваме во интерактивни дебати.

Сè се одвиваше спонтано, без напор и со огромно задоволство. Тие две недели ваква настава ни помогнаа да научиме многу повеќе за темите кои го засегаат општеството и успешно, по враќањето, да ги примениме преку дисеминација во нашето училиште.

Последниот ден од наставата беше наменет за сопствен подкаст на радиото на Детското село Песталоци. Бевме поделени во осум групи од по 5–6 ученици. Учествувавме во дебата и одговаравме на прашања кои нашите блиски можеа да ги слушаат на илјадници километри оддалеченост. Овој завршен момент го допре секој од нас, особено затоа што тоа беа последните мигови што ги минувавме заедно.

На крајот, на завршната манифестација, секој од нас доби сертификат за успешно учество во изминатиот проект.

ПОСЕТА И НОВИ МЕСТА0

За време на престојот имавме можност да уживаме во раскошот на преубавата Швајцарија. Уште вториот ден уживавме во снежно планинарење во пределот на нашето селце и го вперивме погледот кон величествените Алпи.

Се запознавме со преубавиот град Луцерн, каде што се возевме на брод и уживавме во мирната површина на езерото, опкружени со планини. Шетајќи низ старите улици и покрај познатиот дрвен мост, ја впивавме атмосферата која совршено ги спојува историјата и природата.

Го посетивме и Природно-научниот музеј, каде преку интерактивни изложби се запознавме со флората и фауната и научивме многу нови работи за светот околу нас.

Присуствувавме и на карневал во Ст. Гален, исполнет со музика, маски и енергија. Го посетивме и Апензел, најпознатото место за кашкавал, каде ја откривме традицијата на неговото производство.

Во текот на патувањето ги посетивме и Костанц и Цирих. Костанц нè воодушеви со својата мирна околина и погледот кон езерото, додека Цирих нè пречека со динамика, модерна архитектура и живи улици. Овој контраст ни овозможи да ја доживееме Швајцарија од различни агли.

И НЕШТО ЗА КРАЈ

Нашите стекнати знаења успешно ги спроведовме во нашето училиште преку изработка на дисеминации, плакати и интерактивни видео-проекти, со што бевме избрани за најдобри во спроведувањето на активностите. Овој успех не беше само признание за вложениот труд, туку и доказ дека искуството од проектот остави вистинска и трајна вредност во нас.

И како што велиме во нашиот подкаст: „Можеби никогаш повеќе нема да се сретнеме, но детското село засекогаш ќе нè поврзува“. Токму во тие зборови се крие суштината на ова патување – спомени што не избледуваат, пријателства што не се забораваат и искуства што засекогаш остануваат дел од нас.

 

Споделете го написот:

Поврзани Написи