Стефчо Стефанов: Ајде време ти е за книга!

Марија Атанасова

Што Ве поттикна да пишувате?

Одговорот што ќе го дадам на ова прашање, колку и да звучи очекувано и неоригинално, е искрен и единствен. Љубовта! На почетокот беше тинејџерската. Од неа тргна пишувањето, се залета, се охрабри, се збудали, полетуваше, се извишуваше, од земја се треснуваше, се тркалаше, се кикотеше, зрееше, се срамеше, се будалеше и фалеше, се занесуваше и освестуваше, пишувањето не застануваше.

И ете го… Сѐ уште, се залетува, се охрабрува, екпериментира, сега малку позрело и посамоуверено си се дефинира. Не застанува. И пак ќе речам поради љубовта. Можеби да, сега малку во поширок обем, со поширок бокал во кој ја мешам и со посакувањето, страста, животот, апсурдите и паметта, но таа е виновна. Љубовта.

Како ја добивте идејата за Вашата прва книга?

Би сакал да речам – преку ноќ!  Буквално така се случи да одлучам што ќе биде првата книга. После повеќе од десет години пишување поезија се изненадив себе со тоа што објавив т.н. кратка новела од стотина страници. Инаку идејата воопшто да се објави книга не се добива преку ноќ. Иако тоа можеби некој си го дозволува. Таа кај мене дојде постепено во тек на неколку години преиспитување дали сум доволно добар да ме има врамено помеѓу корици и следењето на реакциите на публиката при многубројните мои поетски читања и настапувања. Тоа ми беше неопходниот елан-ветер кој со тек на време после многуте такви мои авторски настапи ми шепна – „Еј, изгледа не си лош. Ајде, време ти е за книга!“.

Колку Вашето професионално искуство како психолог влијае врз Вашето пишување?

Свесно, не многу. Но верувам дека потсвесно сигурно влијае. Но, и во нешто друго сум сигурен. А тоа е дека и моето пишување многу влијае врз тоа каков психолог сум. Ослободеноста, креативноста, и психо-педагошката (како што велат) оригиналност во контактот со моите ученици поради кои ја имам нивната наклонетост и доверба, сигурен сум дека се резултат на таквите измешани влијанија.

Како се справувате со „празната страница“ – моментите кога нема инспирација?

Не се доживувам како агресивна личност. Не сум насилник. Не ја малтретирам. Си се почитуваме. Си се одмараме. Свесни дека во секој момент некој од нас може ќе доживее „Аха!“ момент. J

Кој дел од пишувањето Ви е најтежок, а кој најубав?

Најубав момент… Ахх, секоја секунда од пишувањето.

Ајде ќе си дозволам да бидам навидум нескромен опишувајќи се себе во поглед на една лична пишувачка карактеристика. Јас кога започнувам да пишувам, доколку знам дека тоа ќе биде книга, тогаш знам дека тоа ќе биде одлично завршена работа и ќе објавам многу добра книга. Наречете ме претенциозен ако сакате, но се познавам себе си. Не си дозволувам да одлучам да пишувам книга ако претходно не скокнам до иднината за да го видам конечното издание и успехот на таа објавена книга. Тоа го правам секогаш. Па откако ќе видам дека да, тоа е тоа, се враќам назад во сегашноста и седнувам да ја напишам книгата. Седнувам, да уживам и едноставно уживам со целото мое постоење додека ја пишувам, уредувам па дури (како што е случајот со четири од вкупно шесте мои објавени) и ја дизајнирам книгата. Една од лекциите кои им ги предавам на моите ученици по предметот психологија зборува за еден вид внимание кое се нарекува посленамерно внимание. Тоа е кога личноста внимава на нешто без никаков напор и со потполна предаденост при што – дали доаѓа ден, ноќ, глад, жед, воопшто не е важно прашање. Тоа е неизбежнот влез во творечкото мислење. Е таков сум тогаш.

А најтежок дел од пишувањето? Тоа е кога после промоциите на моите книги ќе забележам дека се створила редица од неколку читатели што чекаат да им потпишам книга. Сакам секоја посвета да биде оригинална, па понекогаш се занесувам во пишувањето посвета и непријатно ми е кога ме чекаат, па си мислам: „Леле ги изморих љујто, ного време ма чекат…“. Е тогаш се потам J

Имате ли некоја посебна рутина кога пишувате?

Не. Да, си треба креативната изолација. Но немам некоја посебна рутина. Било кога, било каде. Не ми се потребни ниту некои посебни услови. Се случува и додека чекам ред на каса во продавница понекогаш да размислувам во стихови, или додека одговарам на прашања за некое интервју како ова сега. Не ми затребала ритуална нега. Лесно умот еве и во рима ми бега!

На која публика мислите додека пишувате — млади, возрасни, сите?

Не мислам на сите. Тоа е речиси невозможно да се мисли на сите. За жал има луѓе кои не дека не можат, туку не сакаат да бидат читателска публика на ниту еден книжевен жанр. Едноставно така е. Само на нив не мислам.

Што сакате читателите да запомнат или почувствуваат по читањето на Вашите книги?

До сега, една новела, една збирка поезија, три џебни книги посветени на Гевгелија и нејзината душа со немерлива топла големина, и една многу чудно-страсна, арт-збирка хаику поезија се прилично различни книги. Што сакам да се почувствува од нив? Ќе ви шепнат самите книги.

Како успевате да го усогласите времето меѓу работата и пишувањето?

Меѓу работата и пишувањето и ќерките и сопругата и мачорот и кучето и пријателите и добрите филмови и новата музика од омилените музичари и шетањето а во последно време и готвењето? Па многу едноставно. Не гледам вести. Игнорирам политичко-токсични содржини и прекрасно имам време за сѐ и што уште не J

Подготвувате ли можеби нова книга?

Токму сега во овој момент не сум започнал со нова книга. Планирам следните денови да тркнам до иднината да ѕирнам дали ќе успее една идеја за следна книга што ми крчка во главата од неодамна, па ќе се пофалам кога ќе се вратам ако ја започнам. Но постојано сум присутно буден во креативни процеси кои или самиот ги откривам или пак тие ме пронаоѓаат мене. Пред некој ден со големо задоволство завршив со пишување поезија за еден интересен проект кој комбинира поезија и ликовна уметност, односно соработка помеѓу писатели и ликовни уметници. Ќе се пофалам за тоа повеќе наскоро.

Доколку би имале можност, дали повторно би го избрале истиот животен пат – да бидете и психолог и писател?

Ако веќе ја имам таа можност и таа моќ, тогаш да. Можеби само во некое друго време. Да речеме после 200 години. Колку да не бидеме дел од репризно постоење, туку ново. Но ќе ги земам и сите мои сакани со мене. Без гајле, ќе ве земам и вас почитувани и драги мои!

Споделете го написот:

Поврзани Написи