Баба и дедо на мои години – две генерации, два света

Ангела Ручкоманова

Баба и дедо. Родители на моите родители, а јас – дете на нивното дете. Нераскинлива врска, како корен, стебло и гранки. Иста душа, иста крв, но различни генерации и различни светови. Толку блиски, а понекогаш толку далечни. Отсекогаш ме интересирало како изгледал животот во времето кога баба ми и дедо ми биле на моја возраст.

Често знаат да кажат: „Ех, на твои години…“ или „Ех, во наше време…“ Токму тие зборови ја разбудија мојата љубопитност. Посакав да дознаам како живееле, што ги радувало, кои биле нивните секојдневни обврски и колку нивното детство се разликувало од моето.

Тие пораснале на село, во време кога животот бил поскромен и поспокоен, кога среќата се пронаоѓала во малите нешта, а секој член од семејството имал свои задолженија. Јас, пак, растам во време на современа технологија, брзо секојдневие и безброј можности. Затоа решив да поразговарам со нив и да направам мала споредба меѓу нивното детство и моето

Rазговорот го започнав со дедо ми.

– Дедо, како изгледаше еден ваш ден кога имавте шеснаесет години?

Во колку часот станувавте, кои ви беа обврските пред и по училиштето и дали имавте време за дружење со пријателите?

– Па, вака, чедо мое – започна дедо ми. – Станував пред да се раздени. Најпрво помагав околу хранењето на стоката што ја имавме, а потоа и околу молзењето на овците. Дури потоа одев на училиште. За време на викендите и распустите ги носев овците на пасење на блискиот рид. Кога ќе се вратев од училиште, ги завршував домашните задачи, а потоа повторно им помагав на моите. Ако беа на нива, одев и јас таму за да им помогнам. За дружење имавме многу малку време.

Баба ми веднаш се надоврза, потсетувајќи се на своето детство.

– Јас, внуко, секое утро и секое попладне го метев дворот, носев вода од селската чешма, а понекогаш таму и перев. Станував рано, одев да берам тутун, па потоа на училиште. Дома ѝ помагав на мајка ми околу подготовката и печењето на лебот во фурната. И јас немав многу време за дружење.

Во нивните зборови се чувствуваше едноставноста на едно време во кое секојдневието било исполнето со работа и семејни обврски. Но, и покрај тоа, имало нешто што со посебна радост го очекувале.

– Се радувавме на големите празници – се присетија двајцата.

– Тогаш добивавме по некој подарок – додаде баба ми со насмевка.

Нивните одговори отворија уште повеќе прашања. Ме интересираше дали секојдневното повторување на истите обврски им било здодевно, дали понекогаш се лутеле што морале толку многу да работат и како воопшто стигнувале до училиштето.

– На училиште одевме пеш, од едно село до друго. Се групиравме со другарите и другарките и така, по пат, се дружевме. Всушност, најубавите спомени ни се токму од одењето и враќањето од училиште. Им помагавме и на соседите кога им требаше помош за да ги завршат своите обврски. Не ни беше тешко и не се лутевме никому – одговори дедо ми.

Баба ми се насмевна и се надоврза:

– Ние не излегувавме како вас денес. Тогаш имаше игранки, кои најчесто се одржуваа во училиштата. Таму се собираа младите, се дружеа, се забавуваа и се запознаваа. Навистина беше убаво.

Разговорот продолжи подолго отколку што очекував. Со секое ново прашање се отвораше уште една стара приказна, уште еден спомен, уште еден дел од нивното детство. Сфатив дека зад секое нивно „Ех, во наше време…“ се крие цел еден свет, исполнет со поинакви навики, обврски, радости и вредности.

Од нивните раскажувања сфатив дека детството на моите баба и дедо било многу поразлично од моето. Нивниот живот ги учел на трпение, одговорност, меѓусебна помош, труд и почит. Денес имаме многу полесен пристап до информациите, образованието, технологијата и забавата. Имаме повеќе можности и поголема слобода, но дали навистина знаеме да ги цениме малите нешта? Дали брзиот живот нè учи на вистинските вредности или, можеби, нè оддалечува едни од други?

Сепак, колку и да се менуваат времињата, нешто останува исто. И тогаш и денес младите имаат свои соништа, желби, надежи и грижи. Се менуваат условите во кои растеме, но не и потребата за љубов, разбирање, пријателство и сигурност.

Две генерации, два различни света, но исти семејни корени. Од баба ми и дедо ми научив дека трудот, почитта, скромноста и љубовта кон семејството се вредности што никогаш не стареат.

Можеби не можеме да се вратиме во нивното време, но можеме да ги зачуваме нивните приказни. Зашто, додека ги слушаме нивните спомени, не учиме само како живееле некогаш, туку дознаваме и од каде доаѓаме ние. А корените, колку и да се длабоко во минатото, секогаш се дел од нашата иднина.

Споделете го написот:

Поврзани Написи