Нашите родители и баби/дедовци заслужуваат да бидат дигитално писмени

Пред неколку месеци, мојата мајка – 68-годишна пензионерка – ми се јави вознемирена. Ѝ стигнала порака на Viber: некоја непозната банка „ѝ доделува 500 евра како лојален клиент“. Сѐ што требало да направи било да кликне на линкот. И, нормално, кликнала. Среќа што брзо се посомневала и ми се јави, па ја спречивме целосната измама.

Тој настан ме натера да си поставам прашање што одамна требаше да го разгледаме како општество:
Зошто медиумската и дигиталната писменост сѐ уште се третираат како „луксуз“ за повозрасните?

Интернетот знае да лаже

Според податоци од Државниот завод за статистика (2024), само околу 28% од луѓето над 65 години во Македонија користат интернет редовно, наспроти 95% кај младите до 35 години. Од нив, многумина користат интернет само за Viber или YouTube, без свест за ризиците што доаѓаат со дезинформации и дигитални измами.

Според Европската комисија, постарите луѓе во земјите од Западен Балкан имаат најнизок индекс на дигитални вештини, а Македонија е меѓу земјите каде што „повозрасните корисници на интернет имаат најмал пристап до едукација за безбедност на интернет и медиумска писменост“.

Интернетот не е само за млади – туку и за безбедност и достоинство

Кога некој нема медиумска писменост, лесно паѓа во замка на:

  • лажни вести со здравствени совети;
  • измами со „освоени награди“ и непознати линкови;
  • манипулативни политички пораки,;
  • теории на заговор кои се шират на YouTube и Facebook.

А кога нема дигитална писменост, секојдневни обврски како плаќање сметки, закажување лекар, комуникација со блиски – стануваат препрека наместо олеснување.

Предлог: Програма за обука за повозрасни лица

Доколку сакаме вистинска промена, потребно е да се воспостави национална или општинска програма за дигитална едукација на повозрасни граѓани. Еве пример на структуриран пристап што може да се реализира преку домови за култура, училишта, здруженија или библиотеки:

Програма: „Дигитална самодоверба“

Доволно се 90 минути седмично да се поминат во едукација на возрасните за да се постигнат одредени цели како:

  • Основно користење на смартфон и компјутер;
  • Користење Viber, WhatsApp, електронска пошта;
  • Препознавање на лажни вести и небезбедни пораки;
  • Онлајн плаќања и банкарски услуги (со симулации);
  • Пристап до здравствени и државни онлајн услуги (МК портал, МојТермин);
  • Заштита на приватност и поставување лозинки.

Не е важно клолку возрасните се медиумски писмени, важно е да се научат основите, но и (да речеме) некое здружение се заложи за организирање обуки во кои партнери би биле и Општината, Министерство за информатичко општество, но и информатичари кои своите вештини и знаења би ги пренеле на возрасните.

Пример за реализација: Во 2023 година, НВО „Метаморфозис“ успешно реализираше неколку пилот обуки со слична структура во скопски населби. Позитивниот одѕив покажа дека интерес и потреба постојат – недостига само волја за поширока примена.

На возрасните не им треба нова младост туку им треба можност

Медиумската и дигиталната писменост не се нешто „за деца“. Тие се новите основи на секојдневниот живот. Да се чувствуваш сигурно, да се информираш точно, да комуницираш со светот – тоа се права, не привилегии.

Нашите родители и баби/дедовци заслужуваат да бидат дел од дигиталното општество не како аутсајдери, туку како активни учесници.
А тоа почнува со едно едноставно прашање:
„Сакаш да ти покажам како работи ова?“

Споделете го написот:

Поврзани Написи