Кога ѕидовите шепотат, Гевгелија раскажува

Од Уредникот

Отворена чаршија – Секој ден за секого

Од неодамна почна обновата или реставрацијата на Старата гевгелиска чаршија или она што денес е зачувано од некогашната подолга и посодржајна улица. Без разлика, овој потег е за поздравување, затоа што чаршијата треба да биде жива! 

Прашање е како таа ќе функционира. Како Здружение се обидовме да направиме обид какви содржини и какви активности и се потребни. Ова се само примери или наши предлози, а тоа значи дека секој нов е добредојден, а за истите треба да имаме и разбирање од локалните власти.

Можеби добро е веќе постоечко здружение или ново да преземе дел од организацијата на насстаните кои би биле традиционални низ годините. Нормално почетокот ќе биде тежок, но доколку се се одвива во најдобар ред би имале нова туристичка атракција.

Туристите, случајните минувачи, па и ученици, може да влезат во некоја работилница, да се запознаат со занаетчијата и дури и да се обидат да изработат сопствен мал предмет што ќе го понесат дома како сувенир. Оваа можност за интеракција го прави искуството во чаршијата незаборавно.

Одекнува звукот на чеканот врз бакарот. Во соседниот дуќан, една постара жена ткае со вешти раце, додека деца љубопитно ѕиркаат од вратата. Мириса на суво грозје, локум и свежо сварено кафе, па дури и стара книжарница во која ќе најдете стари, раритетни книги собрани или дарувани од граѓаните од домашните библиотеки. Не, ова не е сцена од некој филм или стара разгледница. Ова е реалноста на старата гевгелиска чаршија – повторно жива, повторно своја.

Во време кога автентичноста е луксуз, оваа мала улица во срцето на Гевгелија може да прерасне во центар на култура, занаетчиство и туризам. Некогашна артерија на трговијата, може да пулсира со нова енергија – благодарение на една идеја што почна како носталгија, а прерасна во мисија: да се врати животот таму каде што секогаш припаѓал.

Здружение со визија

Како што кажав главниот двигател зад оваа ренесанса би било здружение – група љубители на културата, занаетите и историјата кои одлучиле дека минатото заслужува иднина. Во нивната визија, чаршијата не е само декор за фотографии – туку простор што зборува, поучува и поврзува.

Преку разнолики настани, отворени работилници и целогодишен календар на активности, здружението би создавал простор каде локалните мајстори и посетителите стануваат соучесници во историјата. Секој турист може не само да набљудува, туку и да се вклучи – да изработи свој мал сувенир, да научи некој стар занает, да вкуси нешто што не се продава во супермаркет.

Жива сцена, не музеј

Стара чаршија не би била само објект од камен и дрво – таа може да биде сцена каде се преплетуваат минатото и сегашноста. Месечните настани – од „Чаршија под снег“ во јануари, преку „Летна вечер на занаетите“ во август, до новогодишниот базар во декември – се вистински културен календар на градот.

Тука се и деновите на отворени работилници – ткаење, филигран, гравирање на бакар, готвење традиционални рецепти. Посебно внимание би се посветило на децата и младите, кои преку кампови и училишни посети учат за вредноста на рачната изработка и за наследството што го носиме во корените.

Туризам што допира

Но приказната да биде цела, нормално ќе биде да се вклучат и туристичките агенции, со нивни предлози, контакти и создавање туристички тури. А за таквите посетители нормално треба и повеќе од можност за забава, учење на минатото и допир на раритети што ќе им ја допрат и душата. 

Во ерата на дигиталното, рачната изработка добива нова вредност. Во времето на глобалното, локалното е сè посакувано. И токму старата чаршија во Гевгелија е тој простор на враќање кон себе – за еден град, и за секој што ќе го посети.

Споделете го написот:

Поврзани Написи