Кога родителот ќе замине – кој ќе ги прегрне?

Ова не е политичко барање – ова е човечка одговорност

Ова општество, нашите граѓани, КОНЕЧНО, треба да се запрашаат дали ќе продолжат да веруваат во ветувања или самите да размислат и да сфатат дали она што ни го нудат политичките партии е реално остварливо. Понекогаш ми се чини, додека гледам телевизија, како да живеам во бајките.

Шегата на страна, на граѓаните им се потребни спроведливи проекти поткрепени со закони и правилници.

Во оваа колумна зборувам за родителите кои имаат деца со попреченост. Иако го пишувам текстот и разговарав со повеќе родители за нивниот проблем, морам да признаам, дека ги разбирам, но нивната грижа, нивните проблеми се многу повеќе од само разбирање. Нивната потреба не е политички памфлет, со кој некој ќе се фали на избори, туку ОСНОВНА ЧОВЕЧКА ОДГОВОРНОСТ, па кој и да е на власт.

За што конкретно зборувам. Во Гевгелија овие семејства водат тивка борба за елементарна поддршка, за малку достоинство.

Според Член 9 од Законот за социјална заштита секоја општина треба да одвои средства за изготвување предлог проект, за воспоставување и лиценцирање на барем една семејна единица за трајно згрижување на лица со попреченост и предлог проект за ставање во функција на услуга за  повремено згрижување во периоди од денот или викенди кога родителот – старателот не е во можност да се грижи за лицето со попреченост, заради здравствени или други потреби и обврски.

Во Гевгелија, како и низ целата држава, расте бројот на семејства каде дел од родителите се единствените згрижувачи на деца и возрасни со попреченост. Тие се 24/7 негуватели, терапевти, чувари на надежта. Но што се случува кога тие родители ќе остарат? Или ќе заминат? Што прави општеството тогаш?

Многу често – ништо. Децата остануваат сами.
Во мрак. Во страв. Без план. Без систем.

Преку разговори со овие родители добив сознанија дека  досега се правени иницијативи, но тие секогаш биле само предизборно ветување кон семејстватa на лицата со попреченост, од проста причина што општина Гевгелија, никогаш не изготвила темелен предлог проект, кој ќе води до финален проект, со финансиска, архитектонска, документациска конструкција согласно Правилниците и Законот.

Понекогаш добивам впечаток дека одлуките или предлозите што се носат на седниците на Советот се само обврска која треба законски да се исполни, но до реализација некои нешта тешко стигнуваат. Сум бил трипати член на Советот и добро знам дека наредбата од политичкиот субјект е посилен од твојот глас. Редно ли е да биде обратно МОЈОТ ГЛАС ДА БИДЕ ВОДИТЕЛКА НА ПОДОБРАТА И ПОПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА! Можеби тешко е да го оствариме ова, ама еден по еден треба да се освестуваме, затоа што сончевата Гевгелија, со која се фалиме сите, на е ни на едни, ни на други туку на сите, без разлика дали сме во сенка или на сцената наречена „политички театар“.

Ќе се одважиме ли и ќе се оттргнеме ли од нашите лидери кои политиката ја креираат „божем“ за доброто на сите, а добро знаеме кои се тие „сите“.

Каде се овие родители кои имаат реална потреба, каде завршуваат нивните барања, толку ли е тешко повторувам:

  • Општините да одвојуваат средства за изработка на проект за мали домувања (групни домови);
  • Да се склучи управен договор со Министерството за труд и социјална политика;
  • Да се вклучат локални здруженија и семејства во моделирањето на тие домови;
  • Да се лиценцира најмалку една пилот-единица во догледно време.

Овие барања не се утопија. Тие се реални, остварливи и – најважно – законски поддржани. Претпоставувам дека социјалните работници може да реагираат на овој текст, но ниту се штитам, ниту пак имам цел да се бранам со тие со кои сум контактирал. Во минатото многу често преку моите видео емисии и содржини сум иницирал реакции и започнување на процеси.

Да им помогнеме на овие родители, затоа што некои се веќе во поодмината возраст, со тешко болни деца. Некои веќе ги изгубивме. Нивните деца – останаа со сестри, соседи или – во институции далеку од градот – без топлина, без континуитет, без подготвеност.

🏠 Мали домови – вистински домови – тоа не се „установи“.
Тоа се куќи со топлина, со рутина, со грижа. Домови за 4 до 6 лица, со постојана поддршка од негователи, социјални работници и мрежа на услуги. Места каде што децата на родителите што нè напуштиле не остануваат сами, туку продолжуваат да живеат безбедно, во позната средина. Затоа ггоспода политичари законите што ги носите прочитајте си ги!

Почетокот не бара совршенство – бара намера и прв чекор.

Споделете го написот:

Поврзани Написи