Понекогаш како граѓани и не сме свесни што се движи покрај нас или како ни пулсира животот на градот. Во последниве години, Гевгелија е преплавена од транзитни туристи кои патуваат кон Грција, а доаѓаат од западноевропските земји, а токму како дестинација за починка и едновечерен одмор ја избираат Гевгелија.
Гевгелија бележи значителен пораст на приватни сместувачки капацитети, особено апартмани и соби. Со овој раст, значително се зголеми и бројот на странски и домашни посетители кои, и покрај современите дигитални алатки како Google Maps, сè почесто имаат потешкотии при снаоѓање низ градот.
Гевгеличани се познати по својата гостопримливост, познати по хуманите гестови, но и по убаво уредените дворови, па голем дел од нас попладневните часови на починка ги поминуваме во нашите зелени градини. Морам лично да го искажам моето искуство кое не е ретко во овие денови, напротив, често се случува странски туристи да застануваат на улица и бараат соодветно место за сместување кое веќе го букирале. Навистина не знам колку Google Maps дава точни податоци за одредена локација или улица, но едно е сигурно – туристот мораш да го упатиш и да му кажеш дека се наоѓа на точната улица, но да му ја посочиш точната адреса. Можеби вината е и во самите сопственици што на Google Maps не си го означиле местото, но оваа колумна не е за тој проблем.
Можеби една од главните причини за оваа дезориентација е недоволното и нецелосно поставување на знаци за означување на улици. Иако на некои локации во Гевгелија постојат табли со имињата на улиците и насочувачки стрелки, тие не се присутни на сите клучни крстосници, ниту пак се поставени на места каде навистина се потребни – пред апартмански комплекси, тесни улички или помали маала кои немаат видлива адресна сигнализација.
Постоечките знаци или табли се малку, па затоа треба поголема заложба или евентуално изготвување проект преку здружение и аплицирање до соодветни фондови за да се направат знаци кои може да бидат и впечатлив и интерсесен патоказ за туристите.
Дали сте виделе во градот ознаки за: брза помош (освен во нивна близина), пожарна, полиција… Хотелите, забните ординации и дел од приватниот сектор има поставено свои табли на влезот од Гевгелија и тоа е одлично, но дали јавните служби треба да имаат исто така ознаки, дали улиците треба да иаат патокази?
Еден добар уреден град треба да има табли за да им помогне на туристите, но и да даде впечаток дека се грижи за гостите и урбаниот ред, ова пак од друга страна значи поддршка на локалниот туризам, се подобрува искуството на посетителите, што е важно за повторни посети и препораки.
Сепак во иднина важно e:
- Поставување унифицирани табли со имиња на улици на сите главни и споредни крстосници;
- Вклучување на насочувачки стрелки кон познати улици и туристички објекти;
- Обновување или замена на дотраени или избледени табли;
- Креирање мапа на урбана сигнализација;
- Поставување табли и на двојазично ниво (македонски/англиски) заради странските гости.
- Таблите можат да бидат дизајнирани од уметници и да бидат оригинални, што би дале посебна убавина на урбаната средина.
Со вакви мали, но важни интервенции, Гевгелија може да стане уште попривлечна и попрофесионално организирана дестинација, која ги задоволува потребите и на своите жители и на сè побројните гости.

