Музеј на гевгелиски приказни

Гевгелија е театар, само му треба сцена. Град полн со приказни, ликови, драматични моменти.

Пишува: Уредникот на медиумот

Гевгелија отсекогаш имала сè што ѝ треба на една добра претстава – силни карактери, драматични заплети, историја, емоција и публика што умее да препознае вредност. Сè што ѝ недостига е сцена. Простор каде тие приказни ќе се раскажуваат, каде минатото ќе добие глас, а градот – нова улога.

Има градови што се дестинација – ги планираш, ги посакуваш, ги раскажуваш по враќањето дома. Има и такви што се само пауза на патот. Гевгелија, за жал, често завршува во втората група.

Тука луѓето застануваат за кафе и гориво, купуваат нешто од маркет, фрлаат паричка во автомат и продолжуваат кон некоја „позначајна“ цел – најчесто Грција. Иако географски блиску, Гевгелија туристички останува далеку. А не мора да биде така.

Овој град има сонце што го зрачи 300 дена во годината, планина што мириса на смрека и чај, термални извори, река, лозја, винарија… Има и богата историја, значајни личности, анегдоти што се раскажуваат низ генерации. Само што сето тоа не е „спакувано“ така што туристот би го видел, почувствувал и, најважно, би го запомнил.

Во таа празнина, двајца гевгелиски културни ентузијасти – Марија Џиџева, призната филмска режисерка, и Тони Аврамов, професор и хроничар на гевгелиските случувања – доаѓаат со идеја што вреди да се слушне: мултимедијален музеј посветен на Гевгелија. Не уште еден музеј со прашливи витрини, туку жив простор каде историјата ќе зборува преку слики, звуци, видеа, интеракција. Место што ќе ги слави луѓето, приказните, мирисите и боите на градот.

Зар не би било интересно да прошетате низ сала каде „оживуваат“ гевгелиските легенди – од револуционери и уметници, до лозари, глумци и спортски херои? Да ги слушнете гласовите на минатото преку аудио записи, да ги видите старите фотографии дигитализирани, да научите нешто за она што го прави овој град посебен?

Таков музеј би бил повеќе од културна институција – би бил причина да се застане, да се остане и да се врати. Би бил срцето на новата Гевгелија – не како транзитна точка, туку како дестинација што раскажува приказна. И тоа не каква било приказна – туку своја, горда и гевгелиска. И нели би било симпатично да седнете да испиете по едно кафе во познатите гевгелиски ресторани со некоја гевгелиска жива легенда, да посетите некој објект кој оставил трајни траги во развојот на градот, да посетите настан кој ја слави традицијата… а сето тоа ќе го добиете како информација или мапа од музејот. И на крај зар не би било добро централното градско подрачје да го направиме отворен музеј во кој ќе се испреплетува џагорот на децата со различните паноа и статуи што ќе ви донесат ведрина и некоја нова информација за овој град.

Во време кога туризмот бара автентичност, топлина и содржина, не е доволно да понудиш само казина и бензински. Треба нешто повеќе. А Гевгелија има многу да понуди, само треба да и се даде простор и луѓе кои навистина се посветени на својата работа.

Споделете го написот:

Поврзани Написи