Пишува: Тони Аврамов
Во градот каде што сончевината мириса на смокви, гевгелискиот ветер носи приказни што тивко шумолат во старите дрвореди на корзото, една топла светлина сѐ уште се одбива од жиците на една хавајска гитара. Тоа е светлината на Илија Џаџев — човекот кој не само што ја свиреше музиката, туку ја живееше како стара грамофонска плоча со гребнатини полни душа.
Илија не беше само професор по географија. Тој беше географ на срцето, картограф на улиците на младоста, човек кој знаеше каде се наоѓа секој заборавен агол од детството на Гевгелија. Со дневникот во рака знаеше да посети кафетерија каде што му избегале учениците од час, не со бес, туку со разбирање и мудрост, како некој што ги читал мапите на младешките немири.
Неговата точност беше точност на човек што знае дека времето не се мери само во минути, туку и во погледи, насмевки и неочекувани концерти под уличните канделабри. И кога ќе задоцнеше, велат, тоа било со причина — да им даде на луѓето време да се соберат, да се насмевнат, да го дочекаат неговиот глас и гитарата како пролетен дожд по долга суша.
На корзото, под вечната сенка на старите дрвјата, неговата хавајска гитара звучеше како морски бранови во град без море. Ад-хок концертите му беа чест како неделна миса – непланирани, а свечени. И тоа не само на корзото, туку во училиштата, градинките, фабриките… Љубовта, тагата, шегата и тивката носталгија, сите ги свиреше со истата искреност.
Во берберницата на мајстор Попче, каде што мирисот на „афтешејв“ се мешаше со смеењето, Џаџев раскажуваше досетки што се паметат повеќе од временски прогнози. Таму не се зборуваше за време, туку за животот што тече како музика – со крешченда и паузи, со топлина и шега.
Но Гевгелија ќе го памети и по нешто повеќе од шегите, географските карти и вечерните мелодии – ќе го памети како човекот што знаеше да допре душа. Човек што патуваше не само низ земји, туку низ човечки срца. Човек кој прошета многу со својот велосипед. А неговата гитара не беше само инструмент, туку прозорец кон светот, врата кон спомените, мост над секојдневието.
Му свиреше и на Вардар, онака сам, седнат покрај реката, но им свиреше и на капачите… не се чудете, и јас го паметам времето кога се капевме на реката Вардар и имавме мини песочни плажи.
Снимени се филмови за него, но ниту еден не може да го долови она што го има секој гевгеличанец во себе: сликата на Илија под улично светло, со гитарата во раце и поглед вперен во ѕвездите, како тивко свири песна што ја знаат само оние што ја сакаат тишината на ноќта и музиката на срцето.
За жал не остави многу зад себе од своите мелодии (чинам само две на сингл плоча), но гевгеличани нема да заборават еден човек со широко срце и топла душа.

