Костадин Узунов
За претставата и нејзината фабула
Венко Андоновски – маестрален виртуоз низ своите предавања и низ своите испишани страници. Мојата прва асоцијација за Андоновски е врвниот роман „Вештица“, но и делата „Папокот на светот“, „Папокот на светлината“, „Ќерката на математичарот“… Во оваа колумна вниманието ќе го насочам кон драмата „Адска машина“.
Патрониот празник на СОУ Јосиф Јосифовски го одбележавме на 12 април. Токму ракописот на Андоновски „Адска машина“ означи еден отсјај на сценското огледало. „Адска машина“ ја одигравме пред гевгелиската публика, целно оддавање почит кон патронот. Подготовките за изведбата започнаа еден месец пред премиерата. За навидум краток рок нашата задача, поточно на Драмската група „Дон Кихот“, гласеше дека само првенците треба да бидат наша компарација.
Впуштени во режисерските патеки на професорката Џишева, го променивме видикот кон светот, целосно навлеговме и се „соединивме“ со нашите улоги. Осум лика – осум вљубеници во драмската уметност. Секој лик различен – карактери од секојдневието.
Силината на уметничкото дело е затскриена зад посакувањата на неговиот творец. Дејството започнува, прикажувајќи го писателот Спиридон и жена му Ана. Исчекување и минути на нервоза заради доаѓање на гости на брат му Силвестер и неговата девојка Мирна. Дијалогот помеѓу Ана и Спиридон не е ништо друго туку вообичаена семејна расправија.
Дочекот на Силвестер и Мирна започнува незгоднО заради иронијата на Спиридон и раниот идиотизам на Силвестер. Балансирајќи помеѓу двата брата, Мирна се заплеткува во непријатен разговор со Спиридон. Во оваа состојба Ана и Силвестер посакуваат да одржат рамнотежа, која не е возможно да биде присутна во ова опкружувања.
Благ прекин има со доаѓањето на трговецот кој единствено сака да привлече одредено богатсво, кое би му помогнало неговата жена да се заинтересира за него. Нуди крпи за капење, кои Спиридон од непозната причина ги откупува. Ја присилува Мирна да се капе со тоа што шпионира низ клучалката.
Текот на настаните кулминира со информацијата за поставена бомба во зградата. Настанува општа паника и безумие. Обидувајќи се да најдат начин, сите петмина даваат предлози, но далеку се од вистинско решение. Дијалогот ќе ни открие дека Ана поради машката љубомора ја напуштила својата работа како стјуардеса.
Неочекуван момент е Арсовата појава на сцена. Арсо е сосед во зградата, кој е шеф на „подземјето“ односно погребното претпријатие. Несериозноста на Спиридон резултира со нудење седенка сè додека не се реши проблемот.
Арсо носи одлука да се симнат в подрум заради желбата Спиридон да јаде расолница. На невообичаен начин со левитирање успеваат да слезат во подрумските ходници. Таму препрека ќе станат терористите, кои сакале да водат љубов, пред подрумот на Спиридон. Поради дрскоста на Спиридон тие го заробуваат, а Силвестер спротивставувајќи се на тоа предизвикува лутина кај терористите. Тие ги постројуваат сите, односно заповедаат немо лежење. Поттикнат од прашањата на терористката Силвестер се спротивставува на бесцелната послушност, па сака да даде отпор. Уценет со измачувањето на Мирна, едноставно приморан е да ги притаи своите страсти. Повик за последна желба. Одзив повторно од Силвестер. Провоцирајќи го Спиридон се разоткриваат причините за хендикепот на браќата – инвалидитетот на Спиридон во ногата и оштетениот вид на Силвестер.
Перипетијата следува кога Спиридон потегнува со пушката по братот. Излегуваат и двајцата виновни оти меѓусебно се тероризирале како деца. Расплет имаме со покајание на двајцата и стишувањето на бомбата – пеколна машина.
За мојата улога и за моите подвизи
Јас бев предодреден за улогата на Силвестер. Потребно беше специфично прилагодување на дикцијата и имитирање некоректен карактер. Во почетните фрагменти од драмата Силвестер е чуден. Постапува спротивно од зрелоста за својата возраст – рана идиотска фаза. Упатување провокации кон братот поради љубомората и одмаздата го карактеризираат внатрешниот изглед. Колку тоа буди одговорност во него докажуваат потезите во кулминационите состојби – неразбраноста и нереалноста при опсадата во подрумот. Проблемот во толкувањето на оваа улога е пресвртот од еден во друг карактер. Чувството на прикриеност е главното обележје. До кој степен оди лутината и извишувањето на тонот во почетноте делови? Не треба да се однесува приземно поради поклопување во расплетот. Стравував дека публиката нема сосема да ја увиди разликата во лагата на Силвестер и неговото признавање, разрешување на долгиот проблем. Бев осмислил детски чекорења, крикови од недораснатост на незрелоста. Сепак барикада во таквата импровизација е самиот драмски жанр. Не би рекол дека станува збор за комедија. Всушност жанрот е тежок за категоризирање. Се согласувам дека хумористичните елементи, комичните реплики и актерската игра даваат значаен придонес публиката за момент да помисли дека се зборува за комедија. Процентот на хумор доминира, но вкупниот тек и крајниот резултат, ги уриваат смешните моменти.
Како една интересна анегдота се издвојува случката на една од почетните проби. Професорката Џишева, бараше од мене да прекинам со детското однесување во ликот. Јас настојував на моето убедување дека преобразбата нема да е видлива доколку не ги вметнам неколкуте такви постапки. Веќе донекаде лута поради моето непочитвање во тој контекст на една проба ми вели:
– Добро, ајде размисли. Како Мирна би прифатила врска со Силвестер ако тој е ваков детинест и изидиотизиран.
Размислив малку, и се досетив дека во текстот е наведено како Мирна студира психијатрија. Па така брзо, но шегувајќи се одговорив :
– Професорке, можеби го гледа како потенцијален слуај за лечење.
Разговоров предизвика весела атмосфера меѓу нас. Мислам дека ќе го врежам ова, во некоја моја мозочна папка, и при секое тажно мислење би било причина за да се разведрам. Едноставно така би ги оттргнале првите несовршени одигрувања на нашите ликови.
Сепак, изведбата беше преуспешна, барем такво е моето видување. Го засновав на пријатните коментари кои ни ги доделија како професорите, возрасните од пубилката така и ученици, наши другари кои не гледале. Кога врсници или познаници од училиштето, воодушевувајќи се од претставата и нашата интерпретација, оддаваа честитки и пофални зборови, посочувајќи извесни фрагменти од неа, јас се чувствував навистина возвишено. Повеќе го ценев мислењето на неискусните во ова, бидејќи тие го сумираат целосното размислување.

Овoј текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

