Новинар: Ангела Терзиева
Ментор: Марија Ангова Цветковска
Зошто ја одбравте професијата наставник и што ве мотивира да работите како наставник?

Затоа што за мене е најблагородната професија која постои, плус огромната љубов кон децата. Да воспитуваш и учиш млади поколенија е возвишена работа. Тука спаѓа и мојата љубов кон науката која ја предавам, а тоа е историјата. Мотивацијата ја црпам од позитивната енергија која ја разменуваме секојдневно со учениците, емоциите и знаењето кои ги вложувам во работата со учениците се враќаат повеќекратно. Нормално има предизвици и проблеми, но воглавно на крај како резултат се добиваат многу убави и корисни работи за учениците кои ме исполнуваат како наставник.

Како би го опишале вашиот стил на предавање?
Мојот стил на предавање е интерактивен кој зависи од многу фактори, на пример за каков тип на час се работи (нова содржина, повторување, истражување итн), од паралелката (структура, број, возраст), условите и средствата во училницата. Во секој случај се трудам учениците да бидат вклучени сето време на часот, посебно со нивните дискусии, работа, прашување нејасни работи, со истражувања и изработки каде најчесто ми е целта да ја покажат својата способност, одговорност и креативност, а часовите се во опуштена атмосфера често испресечени со разни духовити досетки и други дигресии кои ги правиме за да се релаксира атмосферата во училницата. Воедно историјата е таков премет каде е многу значајна и воспитната компонента, па заради тоа доста се залагам и за градење на нивниот систем на вредности, каде многу ми помагаат и другите предмети кои ги предавам Етиката и Граѓанското образование.
Како ги мотивирате учениците да се вклучат активно во наставата?
Најмногу со објаснување на корисноста од тоа што го работиме, се трудам да не бидат досадни часовите, блискоста која настојувам да ја изградам со секој ученик, до каде тоа дозволува самиот однос наставник-ученик, за да немаат страв од активно учество. Понекогаш тоа го правам со задачи каде се тие активно вклучени на пример работа во парови, во групи или во слободни дискусии каде секој може слободно да си го каже мислењето и најмногу што функционира е хуморот. Ако успеете да ги насмеете сте завршиле голема работа.

Како би постапиле ако еден од учениците редовно го нарушува часот?
Ретко ми се случуваат такви примери, но секогаш е на прво место разговор со самиот ученик за да дојдам до причината, му објаснувам за последиците од таквото негово однесување и најчесто на тој начин и ги решавам поголемиот дел на такви ситуации. Ако таквото однесување продолжи во континуитет го разместувам ученикот, последователно понатаму разговор со класниот и стручните служби во училиштето, со родителите и на крај изнесување на случајот пред наставничкиот совет.
Како ги поврзувате технологијата и модерните алатки во наставата?
Најчесто со кабел хаха, се шегувам…Нашето училиште е доста опремено со скоро сите потребни работи за современа работа. Сите училници имаат паметни табли, проектори, сите наставници сме опремени со лап-топ компјутери, така да јас многу ги користам овие технички алатки во наставата, скоро секој час и веќе не би можел да ја замислам мојата работа без нив. Од презентации, интерактивни карти, документарни и играни филмови, содржини од интернет, преку некои игри и квизови, односно се што може да е од корист и во функција на часот за на децата да им биде поинтересно да научат.

Можете ли да опишете пример од вашата пракса кога сте користеле креативен пристап за предавање?
Има многу примери со користење на видео материјали за одреден час, квизови, па презентации и поделба на учениците во групи со однапред поставени задачи, дискусија и извлекување заклучок. Неколку примери и на заедничка моја и истражувачка работа на учениците и нивно презентирање, еве на пример пред неколку часа учениците од 9то одделение работеа во групи по предметот Граѓанско образование. Активноста беше да анализираат и погодат кој е вистинит од дадени три новинарски наслови, од кои два беа лажни, а еден точен и проверлив, па дискутираа и на крај предочуваа аргументи секоја група зошто така се определиле. Тој час баш се погоди за медиумска писменост која што сега ја учат и низ оваа активност со оваа интервју. Најкреативен настан беше еден проект по Граѓанско образование – „Уредување на училишниот двор“ за кое добивме награда компјутер и прожектор од МЦГО (Македонски центар за Граѓанско образование) во учебната 2021/2022 година.
Како комуницирате со родителите за напредокот на нивните деца и дали секогаш родителите ја прифаќаат добронамерно критиката за своето дете?Комуникацијата и соработката со родителите е на секојдневна база. Подетално за успехот ги информирам на родителските средби каде тие се должни да потпишат евидентни листови со оценките по сите предмети и изостаноците. Секој родител има пристап до електронскот дневник и може уште и на тој начин да го прати своето дете. Барем со огромен број од родителите имам позитивно искуство и прифаќаат и позитивна и негативна критика, а мислам дека тоа доаѓа од довербата на родителите кон наставникот кое пак во најголем дел се гради и добива од кажувањата на учениците и од личниот контакт меѓу родителот и наставникот.

Дали сте во тек со најновите трендови во образованието?
Да, во тек сум и сметам дека тоа се неопходни и потребни работи, но исто така сметам дека не треба по секоја цена да се пратат сите трендови и често да излеземе експериментални глувци. Секогаш треба да ги прифаќаме само позитивните новитети кои се веќе испробани и дале резултати во поразвиените држави. Добар дел од тие трендови веќе ги применуваме, како користење на ИКТ, инклузијата итн.
Каде се гледате како професионалец за пет години?
Исто како наставник, само збогатен со искуство за уште пет години.
Која е ваша најголема позитивна страна како наставник, а која е вашата најголема слабост?
Најголемата позитивна страна е мојата стручност по предметот историја кој го предавам, а особено педагошкиот дел, воспитанието на децата. Сметам дека имам голема отвореност со учениците која ми дозволува големо влијание врз нив во позитивна смисла, особено ќе ја истакнам духовитоста и праведноста. А слаба страна ми е претераната емотивност односно народски кажано што се си ставам на срце.
Како би постапиле ако забележите дека ученик се соочува со проблеми во семејството или со врсниците?
Сум имал такви случаи и било доста тешко. Секогаш треба прво да се отвори ученикот за разговор, а тоа може само ако се има доверба. По разговорот или повеќе разговори се согледува тежината на проблемот и доколку сум способен сам да го решам проблемот со врсниците или со родителите се е добро (имам доста такви случаи) а ако не, тогаш се ангажираат стручните служби од училиштето или пак други надворешни служби како полиција, центарот за социјални работи итн.
Што би им препорачале на своите ученици, дали иднината да ја гледат како идни наставници?
Како многу благородна професија која има можност да ги моделира децата да израснат во идни добри, учени и воспитани индивидуи, како креативна работа која ви го збогатува животот во духовна смисла да, но нашата професија во економско- финансиска смисла е доста потценета и ако во наредните годинi не се преземе нешто од страна на државата сметам дека самите тие ќе си дојдат до адекватен заклучок.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

