Психодрамата како можност за слободно изразување на чувствата и мислите кај младите

Влијанието на социјалните мрежи врз развојот на младата личност беше темата што се обработуваше на работилниците во основните училишта и средношколскиот центар во Гевгелија организирани преку проектот „Јас=Медиум“ на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија.

На работилниците учениците беа едногласни со заклучокот дека во училиштата многу малку се зборува за медиумската култура и писменоста која е недоволна во ерата на напредната технологија.

„На часовите многу малку се зборува за медиумската писменост, или можам да кажам дека воопшто не е застапена. Малку зборуваме за употребата на социјалните мрежи и нивното влијание врз нашиот развој, но сметам дека со работилниците што се предвидуваат да се реалзираат преку овој проект ќе навлеземе малку повеќе во овој значаен дел од нашите животи“, ни изјави Никола Илиев, кој ја следеше првата работилница.

Ученичката Благица Ступар вели дека наставните програми во основните и средните училишта ја содржат темата за медиумската писменост, но тоа претежно се работи на часовите по животни вештини, „часовите се премалку за да се совладаат содржините што во денешно време се и повеќе од присутни во нашите животи“, додава таа.

Во рамките на проектот се организираат и работилници за влијанието на социјалните мрежи врз развојот на личноста што ги изведува Лилјана Петкова Стојанова.

„Психодрамата и техниките на психодрама беа застапени во сите досегашни работилници со наставниците и психолозите кои се вклучени во реализацијата на проектот. Во процесот на реализација на работилниците учениците на спонтан, но креативен начин ги заземаа улогите на медиумите што ги употребуваат секојдневно развивајќи облици на однесување и односи кои се клуч на квалитетен живот“, истакнува Стојанова.

Сценското одигрување на учесниците во психодрамата им овозможува изведување или довршување на она што во секојдневието не можел или можеби не знаел, не смеел да го направи. „Психодрамата на учениците пред сè им помогна слободно да ги изразуваат своите мисли и чувства“, истакна Розита Андонова која волонтерски се вклучи во реализацијата на работилниците.

Проектот„Јас = Медиум“ на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот „Јас=Медиум“ е кофинансиран од Општина Гевгелија.